ИНВЕСТИЦИСКИ ВЛОЖУВАЊА ВО 2015 ГОДИНА

АД „Електрани на Македонија“, во 2015 година, во целост реализира два капитални енергетски проекта со вкупна вредност од 92,1 милиони евра, и ги продолжи подготвителните активности за други значајни проекти што ќе се реализираат во наредниот период. За првпат, во Република Македонија е изграден капацитет кој го користи ветерот како погонска сила, паркот на ветерни електрани „Богданци“, а завршен е и сложениот зафат за ревитализација на хидроелектраните – втора фаза. Компанијата манифестира силна посветеност во реализација на проекти од нови обновливи извори на енергија. Истовремено, се преземаат подготвителни активности и истражни работа за изградба на нови рудници за јаглен потребни за производство на електрична енергија, а се инвестира и во нов топлификациски систем за Битола, Новаци, Логоварди и Могила.

Јагленово наоѓалиште Живојно
Овој проект, со вкупна проектирана вредност од 104 милиони евра, е планирано да се реализира во периодот од 2015 до 2021 година. Започната е изработката  на главниот рударски проект за отворање и експлоатација на јагленот од наоѓалиштето Живојно, а се очекува да заврши во 2017 година. Планираниот годишен капацитет во рудникот „Живојно“ ќе се користи како дополнување на вкупно потребните количини јаглен за непречено работење на трите блока во ТЕЦ Битола.

По изработката на главниот рударски проект следи постапка за отворање на рудникот, пришто се очекува целосниот капацитет да се постигне по 2020 година.

Искористување на локални наоѓалишта на јаглен во Берово (Панчерево), Делчево (Звегор-Стамер) и Ресен (Лавци)
Локалитетите Панчерево-Беровско и Звегор, Стамер – Делчевско се многу одалечени од термоелектричните централи „Осломеј“ и „Битола“, меѓутоа, имајќи го предвид фактот дека во овој дел од Македонија нема активна термоелектрична централа, сметаме дека е оправдано да се размислува за градење на нова ТЕЦ Исток.Локацијата на наоѓалиштето Лавци – Ресенско, каде што јагленот е со многу ниска содржина на сулфур, е интересна од аспект на релативно краткото растојание за транспорт до постојните ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Битола“.

Во 2015 година започна првата фаза од деталните геолошки истражувања во Лавци, Звегор-Стамер и Панчерево, што всушност значи изработка на елаборати и нивна ревизија. Вкупниот износ од 1.650.000,00 евра е планирано да се обезбеди од сопствени финансиски извори на АД ЕЛЕМ. Можноста за употребување на јагленот од овие наоѓалишта во постоечките ТЕЦ „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“, како и постоечката варијанта за изградба на една нова ТЕЦ, значително ќе ја зголеми стратегиската вредност на овие локации.

Ревитализација и модернизација на ТЕЦ „Битола“, II и III фаза

По завршувањето на првата фаза од процесот на ревитализација и модернизација на турбините, генераторите и автоматизацијата во ТЕЦ „Битола“, се пристапи кон реализација  на втората фаза од проектот ревитализација и модернизација на ТЕЦ „Битола“ со намалување на NOx. Вкупната вредност на овој проект изнесува 88,5 милиони евра, од кои 73,5 милиони евра се обезбедени со кредит од германската Дојче банка (Deutsche Bank), а останатите ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства.

Двата блока (2 и 3 ) се ревитализирани и модернизирани, а за тоа се инвестирани 60 милиони евра. Со овој проект се продолжува животниот век на котлите, а истовремено се зголемува и нивната ефикасност. Уште позначајно е тоа што со овој проект се зголемува флексибилноста на котлите со можност за прифаќање јаглен со различен квалитет од различни локации. Во исто време емисиите на NОx, веќе и со модернизација на котлите,  ги задоволуваат строгите еколошки критериуми пропишани од ЕУ.

Десулфуризација на РЕК „Битола“ 
Во 2015 година е започната реализацијата на третата фаза  од  процесот на модернизација и ревитализација на најголемиот македонски енергетски комбинат за производство на електрична енергија преку изработка на компаративна анализа за соодветните технологии на десулфуризација на РЕК „Битола“, по што ќе следи и изработка на соодветна физибилити студија. За реализација на овој проект АД „Електрани на Македонија” склучи договор со „Рудис“ – Трбовље од Словенија за изработка на физибилити студија за модернизација и ревитализација на РЕК „Битола”, III фаза – намалување на SОx и прашина, проширена со влијание на сите штетни материи што излегуваат од РЕК „Битола” кој се реализира во две фази:

I фаза: изработка на компаративна анализа за проценка на техничката, економската и финансиската оправданост за намалување на SOx и прашина од РЕК „Битола”, но и проширена анализа за влажна, полусува и сува постапка за десулфуризација и намалување на прашина со електростатски, вреќаст или комбиниран филтер и други методи.

II фаза: изработка на физибилити студија за избраната технологија за намалување на SOx и прашина, којашто ќе вклучи и дополнителни технолошки решенија за намалување на сите емисии кои се емитирани од РЕК „Битола“. Врз основа на изработената споредбена анализа, како најпогодна постапка за десулфуризација за примена во РЕК „Битола“, е избрана влажна постапка. Предностите на оваа постапка во однос на останатите (сува и полусува постапка) се:

  • најниски оперативни трошоци;
  • сигурно и константно снабдување со абсорбент (варовник) од домашни ресурси;
  • отпаден нус-производ кој може безбедно да се складира или да се продава;
  • во  самиот процес на работа овој тип технологија е најстабилен;
  • најприменлива постапка за десулфуризација (со најголем број на референци)  и
  • највисока ефикасност во однос на останатите начини на дејствување.

Следна фаза е изработка на физибилити студијата за избраната технологија за намалување на SOx и прашина, која ќе вклучи и дополнителни технолошки решенија за намалување на сите  емисии што ги емитира РЕК „Битола“. По изготвување на студијата, ќе започне постапка за избор на меѓунардна финансиска институција за изведба на целиот процес. Со целосна реализација на оваа активност ќе се постигне емисиите на SOx и прашина од РЕК „Битола“ да бидат во согласност со Европската директива  Индустриал емишн директив (ИЕД) Industrial Emission Directive (IED) 2010/75/EU.

Ревитализација и модернизација на ТЕЦ „Осломеј“
Во 2015 година изработена е фисибилити студија за модернизација на термоелектричната централа „Осломеј“ преку користење јаглен со висока калорична вредност, но се анализира и можноста за користење на локални резерви на ниско калоричен јаглен. Вкупната инвестиција за ревитализација на ТЕЦ „Осломеј“, во согласност со физибилити студијата е проценета на 126.000.000,00 евра. Планирано е проектот да се реализира во периодот од 2016 до 2020 година.

Со реализација на овој проект се добива солидно балансиран домашен производствен капацитет со прифатлива цена на електрична енергија, независна од негативните и турбулентни движења на акциите и промените во светскиот енергетски пазар и се продолжува животниот век на ТЕЦ „Осломеј“ со инсталиран капацитет од 129,5MWel за дополнителни 30 години. Воедно се зголемува и ефикасноста на блокот и се намалуваат емисиите на CO2, SOx, NOx и прашина во согласност со дозволените емисии во ЕУ по 2016 година.

Топлификација на Битола, Могила и Новаци

Проектот за изградба на систем за  топлификација за Битола, Новаци, Логоварди и Могила е  меѓу врвните приоритети што ќе ги реализира АД ЕЛЕМ  во претстојниот период.  Во изминатите неколку години се  завршени низа важни подготвителни активности неопходни за реализација на овој значаен зафат. Во категоријата завршени постапки се: изработка на физибилити студијата  и проектна документација којашто е и одобрена од надлежните институции. Изведена е и  соодветна реконструкција на турбините  на два термоблока во  РЕК „Битола“ со што целосно е овозможено регулираното одземање на пареата. На овој начин е создадена основа за изградба на системот за топлификација. На крајот од 2015 година беше потпишан и Договорот за финансирање на проектот со обезбедување кредит германската КФВ банка.

Првата фаза од централниот топлификационен систем за снабдување со топлинска енергија се состои од изградба на систем за производство на топлинска енергија, транспортен вреловод, примарна пумпно – топлинска станица во Битола, вреловодна дистрибуцискамрежа во Битола и топлински потстаници во објекти (, индивидуални, комерцијални и јавни) , а, пак, за населбите Новаци, Могила и Логоварди ќе бидат изведени само приклучоците кон идните дистрибутивни мрежи.

Една од најголемите придобивки од  централниот топлински систем е што нуди можност да се елиминираат поединечните извори на загадување на животната средина. Со воведувањето на топлинската енергија во  дел од  Пелагонискиот  Регион,  значително ќе се намали употребата на нафта и огревно дрво во јавните објекти и домаќинствата, што дополнително ќе ја  редуцира емисијата на штетни гасови кои се резултат на  процесот на согорување, а со тоа  во голема мера ќе се подобри квалитетот на воздухот во регионот. Значително ќе се подобри и квалитетот на живот на сите граѓани што ќе се приклучат на топлификациската мрежа со оглед на помалите трошоци за затоплување на своите домови со топлинска енергија. Според нашите проекции, очекуваме цената на услугата да биде пониска во однос на онаа што во моментов ја плаќаат корисниците на парно греење во Скопје.

Изградбата на системот за топлификација  очекуваме да има дирекно влијание врз намалување на емисиите од согорување на огревно дрво, масло за домаќинства и јаглен во малите домашни печки, но и во печките на јавните и комерцијалните објекти. Исто така, за очекување е забележително да се  намалат емисиите на SOx, NОx и CO  што во крајна линија ќе значи зголемување на квалитетот на амбиенталниот воздух во Битола и нејзината околина. Проектот, наедно, ќе има директно влијание и врз намалувањето на веројатноста за евентуално несоодветно третирање на отпадното масло при подготовка, што сега се користи за греење.

Дополнително, префрлањето на жителите на Битола и на околниот регион на оваа мрежа, ќе значи и значително намалување на потрошувачката на електрична енергија која во зимскиот период голем дел од домаќинствата и другите субјекти ја користат за загревање на домовите. Во овој контекст, меѓу позитивните ефекти треба да се спомене и значителното намалување на притисокот врз дистрибутивната мрежа во зимски услови, што, пак, истовремено ќе значи заштеда на природните ресурси што ги користиме за производство на електрична енергија, пред сè на јагленот.

Доколку работите на терен се одвиваат според предвидената динамика, се очекува до почетокот на грејната сезона 2018-1019  година да се приклучат првите корисници на топлинска енергија.

Рудник за јаглен и термоелектрична централа во Мариово
За реализација на отворањето на рудникот за подземна експлоатација „Мариово“ од вкупно планираната сума од 126.194.595,00 евра, 15% од вредноста  треба да се обезбедат од сопствени финансиски извори на АД ЕЛЕМ, односно сума од 18.929.189,00 евра, а преостанатиот износ од 107.265.406,00 евра, преку кредитно задолжување. Во 2015 година започната е изработката на физибилити студија за транспорт на јагленот од „Мариово“ до ТЕЦ „Битола“, со што ќе се дефинира можноста и динамиката за реализација на овој проект.

Доколку можноста за транспорт на јаглен се покаже дека е економски исплатлива тогаш се планира избор на финансиски консултант којшто би понудил начини за реализација и спроведување на јавна набавка за имплементација. По спроведувањето на постапката би се донесла одлука за начинот на реализација на проектот:

  • инвестиција од приватен партнер преку моделот на концесионирање или
  • јавно приватно партнерство помеѓу ЕЛЕМ и приватниот партнер.

Набавка на нова рударска механизација

Со набавката на рударската опрема ќе се овозможи продолжување на работниот век на термоелектричните централи во РЕК Битола за следните дваесетина години. Исто така, ќе се овозможи побрзо отворање на рудникот ПЈС „Суводол“, како и намалување на оперативните трошоци при ископот на јаглен од површинскиот коп „Брод – Гнеотино“. Со набавката на рударската механизација ќе нема потреба од ангажирање  надворешни фирми за услуга при користењето механизација, со што значително ќе се намалат трошоците при експлоатација и тековно одржување во РЕК „Битола”. Пред започнувањето на постапката за набавка на рударска опрема беше изработена техно-економска анализа, која покажа сигурна исплатливост на инвестицијата.

Вредноста на средствата што треба да се вложат за набавка на рударската опрема изнесува 64,5 милиони евра. Дополнителни геолошки истражувања во „Брод – Гнеотино“. Во својата развојна политика за навремено обезбедување на експлоатациони резерви на јаглен и продолжување на работниот век на термоелектраните во РЕК Битола, АД ЕЛЕМ презема  соодветни активности во регионот, каде се веќе откриени  и истражени појави на јаглен.

Точните количини јаглен ќе бидат познати по изработката на елаборат за рудните резерви, односно најдоцна до мај, 2016 г., кога е планирано да завршат истражните работи на терен.  Елаборатот за рудните резерви се очекува да биде подготвен најдоцна до ноември 2016 година.

Парк на ветерни електрани „Богданци“- II фаза
Откако ќе се согледаат предностите од работењето и придобивките на ПВЕ „Богданци“ и ќе се стекне неопходното искуство за изградба на ваков тип објекти, ќе се разгледаат можностите за изведување на втора фаза од паркот на ветерни електрани „Богданци“, преку дополнителна инсталирана моќност од 13 MW и годишно производство на електрична енергија од околу 36 GWh. Рокот што се предвидува за реализација е две години, а вредноста на проектот е 21 милион евра.

Надградба на ХЕЦ „Шпилје“ и надградба на ХЕЦ „Глобочица“
Во октомври 2015 година изработена е физибилити студија за надградба на ХЕЦ „Шпилје“ којашто покажа  дека проектот е технички изводлив. Во тек е подготовка на техно-економска анализа за оптимална работа на хидропотенцијалот на река Црн Дрим.

Префрлање на водите од Теново во ХЕЦ „Козјак“

Идејата за изградба на тунел за префрлување на дел од водите од река Вардар во река Треска, односно од локација Теново до акумулација „Козјак“ е стара повеќе од 50 години. Врз основа на првата студија за оваа идеја, која е изработена од норвешка консултантска компанија Нортконсулт (Nortconsult), во 2015 година, ЕЛЕМ изработи техничка документација само за тунел Теново-Козјак, во која се прикажани енергетски показатели и некои финансиски анализи со денешни цени и изграденост на ЕЕС на Македонија.
Воспоставена е и комуникација со КФВ банката за можно финансирање на проектот.

Вардарска Долина
Хидроенергетското искористување на реката Вардар е изучувано во повеќе фази. Досега се изготвени основни проекти за поедечни хидротехнички објекти. Проектот „Вардарска Долина“ предвидува енергетско искористување на водата по течението  на реката Вардар со нејзините најзначајни притоки. Во согласност со плановите за развој и инвестиции изработена е техничка информација за оправданост на проектот и изработена е техничка документација на ниво на предфизибилити студија во која ќе се ажурираат техничките, економските и финансиските параметри на проектот. За таа цел е изработена и проектна задача за изработка на предфизибилити студија за Вардарска Долина.