ТЕКОВНИ И ПЛАНИРАНИ ИНВЕСТИЦИИ НА АД ЕСМ

Фотоволтаични електрани

ФЕ Осломеј 1, ФЕ Осломеј 2 и ФЕ Осломеј 3 – ЈПП

Во нашата земја, термоелектраните на јаглен и хидроелектраните се главните производствени капацитети на електрична енергија, а во одреден процент се застапени обновливите извори на енергија – ветерот и сонцето. Од целото производство на електрична енергија во државата 70% доаѓа од АД ЕСМ. Соодносот, пак, на инсталираниот капацитет на нашата компанија е: 58% инсталиран капацитет во термоелектрани, 39% во хидроелектрани и 3% во обновливи извори односно енергија од ветер.

По ФЕ Осломеј, проектот ФЕ Осломеј 2 со инсталирана моќ од 10 MW и планирано просечно годишно производство од 17 GWh електрична енергија, со поддршка од ЕБРД, ќе се реализира како континуитет на ФЕ Осломеј 1. Проценетата вредност на овој проект е 7 милиони евра. Земјиштето е во сопственост на АД „Електрани на Северна Македонија“ и локацијата е на кратко растојание од трафостаниците и патната инфраструктура односно во непосредна близина на веќе оперативна електрана, што обезбедува пристап до обучена работна сила. Комбинацијата на поволните локациски фактори, заедно со стратегиската определба на Владата, овозможува реален потенцијал за реализација на овој проект. Трошоците за изградба на ФЕ значително ќе бидат намалени затоа што ќе се искористи постоечката инфраструктура од  ТЕ „Осломеј“.

Осломеј 3, пак, преку јавно-приватно партнерство ќе се гради во округот на РЕК „Осломеј“,нашата термоелектрана во Кичево. Ќе се изведе на локацијата на исцрпениот рудник за јаглен, во близина на првата фотоволтаична електрана од 10 MW чијашто изградба е веќе во тек. Нашата нова инвестиција, која всушност е конципирана како две електрани, од по најмалку 40 MW до најмногу 50 MW, ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство, при што АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер.

Договорот за јавно-приватно партнерство би бил во траење од 35 години, по, што приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на фотонапонските електрани и да му ги предаде во фактичко владение на јавниот партнер (АД ЕСМ), во исправна оперативна и погонска состојба. Градбата на електраните ќе биде целосно вложување односно инвестиција на приватниот партнер, а проценката е дека нивната изградба ќе чини околу 70 милиони евра. Влог на АД ЕСМ во изградбата е земјиштето, податоците кои се однесуваат на просечно сончево зрачење, потоа средни годишни температури и струење на ветерот, како и очекувано годишно просечно производство на 170 GWh електрична енергија. Пристапниот пат до електраните, како и балансирањето на енергијата, се дел од обврските коишто ние можеме да ги обезбедиме.

ФЕ Битола 1- 20 MW, ФЕ Битола 2 – 40 MW, ФЕ Битола 3 – 100 MW

Тековните глобални енергетски трендови наложуваат поамбициозно преминување кон нискојаглеродна економија, при што обновливите извори на енергија се меѓу најважните фактори што ќе ја овозможат таа транзиција. Во таа смисла АД ЕСМ засилено го насочува својот фокус кон развој и реализација на нови проекти за производство на електрична енергија, со цел зголемување на уделот во обновливи извори на енергија, а поконкретно со фотоволтаични електроцентрали со поголем (large scale) инсталиран капацитет.

Со оглед на достапните енергетски ресурси и земјиштето кое припаѓа на АД ЕСМ, најфлексибилната опција којашто ќе овозможи производство на чиста енергија од обновливи извори се фотонапонските електрани. Во таа насока отпочнати се развојни активности во соработка со ЕБРД за реализација на проектите: ФЕ Битола 1 со инсталирана моќност од 20 MW, со годишно производство од 34 GWh и проценета вредност од 17 милиони евра, и ФЕ Битола 2 со инсталирана моќност од 40 MW, со годишно производство од 70 GWh и проценета вредност од 30 милиони евра, за коишто капацитети веќе се направени пресметки за идно производство, одредено е земјиштето и завршени се студиите за приклучок. Проектот ФЕ Битола 3 со инсталирана моќност од 100 MW, со годишно производство од 170 GWh, и проценета вредност од 70 милиони евра. Предлозите за приклучок на ФЕ Битола 3 кон електроенергетската мрежа се преку постојниот 110kV далновод од ТС Битола 2 (сопственост на АД ЕСМ) до ТС Брод Гнеотино, со радијална врска. Проценетата површина за изградба на ФЕ Битола 1 изнесува 36 ha, за ФЕ Битола 2 изнесува 80 ha и за ФЕ Битола 3 200 ha.

Со изградбата на фотонапонската електрана во ТЕ „Битола“ ќе се зголеми учеството на обновливите извори на енергија на 160 MW. Трошоците за изградба на ФЕ значително ќе бидат намалени заради искористување на постоечката инфраструктура од ТЕ „Битола“.

За спомнување, исто така, е фактот дека почнуваат развојни активности за реализација на проектот ФЕ Тиквеш – Витачево со инсталирана моќност од 100 MW, на сопствена локација во склоп на ХЕЦ „Тиквеш“. Предложената локација е висорамнина и се наоѓа над самата ХЕЦ „Тиквеш“, поточно над коритото на Црна Река. Ориентацијата е на југо-запад што е погодно за инсталирање на фотоволтаични панели. На средина на локацијата поминуваат 2 далноводи коишто се од ХЕЦ „Тиквеш“.  Производството на електрична енергија од ФЕ Тиквеш со инсталирана моќност од 100 MW (AC), во согласност со анализите би изнесувало 172GWh/yr (for  year: 162GWh/yr, површина за градба од 136 ha, коешто земјиште е во сопственост на АД ЕСМ и проценета вредност од 60 милиони евра. Планирано е да се изгради во близина на ХЕЦ „Тиквеш“, општина Брушани, за што се предлага соодветна варијанта на приклучок на преносната мрежа. Предлозите за приклучок кон електроенергетската мрежа се преку постојниот 110kV далновод што оди од ХЕЦ „Тиквеш“ до ТС „Кавадарци 2“ (сопственост на МЕПСО), со радијална врска или преку постојниот 35 kV далновод што оди од ХЕЦ „Тиквеш“ до ТС „Кавадарци 2“ (МЕПСО) кој се користи за сопствена потрошувачка на „Тиквеш“, и ќе треба во еден дел да се направи двосистемски.