АД ЕСМ свика меѓуинституционален состанок во ХЕЦ Тиквеш за мерки за подобрување на нивото на акумулацијата
На иницијатива на АД ЕСМ денеска се одржа меѓуинституционален состанок во хидроелектраната Тиквеш во Кавадарци во врска со актуелни прашања поврзани со акумулацијата Тиквеш, водостојот на езерото, производството на електрична енергија, наводнувањето на Тиквешко поле во периодот кој следува, како и другите дејности кои зависат од водата во акумулацијата и нејзиното ниво.
Покрај раководството на АД ЕСМ, на состанокот присуствуваа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа, тројца пратеници од Тиквешијата, Панчо Минов, Даниела Колева и Лолита Ристова, градоначалникот на Неготино Тони Делков, директорот на ЈП Водостопанство Васко Стефанов, концесионери од други дејности итн. Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев беше телефонски координиран за содржината на состанокот, поради неможност да учествува на истиот.
АД ЕСМ ги информира присутните дека веќе извесно време не произведува електрична енергија од ХЕЦ Тиквеш, со цел акумулацијата да се исполни до котата 245мнв. која што е потребна за непречено наводнување во вегетацискиот период кој е пред нас. Денеска котата изнесува 242,52мнв. што покажува дека во моментот има вода, а котата во следните денови ќе се зголемува. Со цел да се обезбеди пооптимална состојба на акумулацијата и задоволување на потребите на сите субјекти чии дејности се потпираат на зафаќање вода од истата или на друг начин се поврзани со Тиквешкото Езеро, по обемната дискусија во која беа вклучени сите присутни субјекти, од денешниот состанокот се утврдени нацрт-заклучоци кои ќе бидат доставени до сите надлежни институции на реализирање, а кои ќе бидат објавени со цел запознавање на јавноста за мерките кои ќе бидат спроведени за во догледно време да се обезбеди континуирано одржување повисоко ниво.