ФРАНЦУСКАТА АГЕНЦИЈА ЗА РАЗВОЈ НУДИ ФИНАНСИСКА И ТЕХНИЧКА ПОДДРШКА ЗА АД ЕСМ ЗА ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ
Генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски и директорот за развој и инвестиции, Благој Гајдарџиски се сретнаа со делегација на Француската агенција за развој (AFD).
AFD е јавна финансиска институција одговорна за спроведување на развојната и меѓународната солидарна политика на француската влада.
Во Западен Балкан, AFD има задача да го поддржи спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан и преминувањето кон европските стандарди во енергетиката.
Агенцијата ги започна своите активности во Албанија, Црна Гора и Србија и ги нуди своите можности за кредитирање и техничка помош во Северна Македонија.
Заблагодарувајќи се за понудената можност за соработка, менаџментот на АД ЕСМ ја запозна француската финансиска институција дека компанијата подготвува 14 проекти за инвестирање во обновливи извори на енергија и дека постои простор за соработка и партнерски однос во сите фази на реализација на проектите, како што се користење поволни кредитни линии за инвестициите, техничка помош во подготовка на проектите, стручни консултантски услуги итн.