АД ЕЛЕМ ГО ОДБЕЛЕЖА ДЕНОТ ЗА РУДАРИТЕ-НОВИ ИНВЕСТИЦИИ, ЗГОЛЕМЕНО ПРОИЗВОДСТВО, ЗАШТИТАТА НА ВРАБОТЕНИТЕ Е ПРИОРИТЕТ

АД Електрани на Македонија го одбележува Денот на рударите, 28 август, со редица настани. Денеска се одржа централната прослава на која се обратија вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски, директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски и директорот на ПЕ Рудници при РЕК Битола, Душан Вукадиновиќ.

На настанот беа доделени пофалници и награди за 50 вработени во комбинатот за особен придонес.

На одбележувањето на Денот на рударите, вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна: Што се однесува до иднината на овој комбинат, јас можам да ви кажам дека ние, а посебно јас со мојот кабинет заедно со вашето раководство, посветено ќе работиме на тоа да обезбедиме одржлива и предвидлива иднина за него. Владата работи посветено за производството во АД ЕЛЕМ и во РЕК-Битола од година во година да расте. Мораме да ја подобриме состојбата. Тоа подразбира имање план, а кога во енергетиката се зборува за план, тоа значи да се има план за наредните десет години и прецизен план со месечна динамика за наредните 5 години. Мора да се подобри состојбата во ископот Брод Гнеотино за да се добијат предвидените ископи јаглен, и  без алтернатива мора да се мисли на отворањето на ископот Живојно. Само на тој начин ќе обезбеди континуирана работа на РЕК Битола, која е неопходна за работењето на електроенергетксиот систем на Република Македонија. Ние како Влада ќе дадеме максимална поддршка за работите да се случат во блиска иднина бидејќи без тоа не можеме да кажеме дека електроенергетскиот систем во Република Македонија ќе биде стабилен.

Покрај вложувањата во РЕК Битола за набавка на сопствена механизација за ископ на јаглен, се прават напори за повторно консолидирање на кичевската електрана РЕК Осломеј, но, исто така се вложува и во еколошко производство на електрична енергија.

Нашата цел како Управен одбор на АД ЕЛЕМ е во иднина да вложуваме во нашите производни капацитети, секако да вложуваме во обновливи извори на енергија, што е тренд секаде во светот, но исто така од тука треба да нагласиме и дека без енергија од термоелектраните невозможно е да се одржи стабилен и сигурен енергетски систем. Нашата заложба е инвестициите што ги правиме и ќе ги правиме во нашите комбинати да одат паралелно со инвестициите во еколошките сегменти, односно вложуваме во редовно и одговорно отпепелување според сите протоколи, поставување нови електростатски филтри, пошумување во околината на комбинатот и редица други мерки со кои ќе покажеме и покажуваме дека сме одговорни и кон потребите на граѓаните за навремено снабдување со електрична енергија, но и кон нивните потреби за чиста животна околина и заштита на средината во која живееме, изјави генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски. Денот на рударите е многу значаен за АД ЕЛЕМ затоа што рударите се тие од каде почнува целиот производствен процес во нашите термоелектрани – додаде тој.

Изминатата зима АД ЕЛЕМ беше соочен со голем број проблеми при ископот на јаглен, но, сите беа успешно надминати, а за заложбите, по повод Денот на рударите, беа наградени 50 вработени во РЕК Битола. АД ЕЛЕМ е целосно подготвен за новата грејна сезона.