Денот на рударите одбележан во РЕК Осломеј
Во пресрет на утрешниот празник Голема Богородица, кој се прославува и како ден на рударите, денеска во РЕК Осломеј беше организирана свеченост за одбележување на празникот.
Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АД Електрани на Северна Македонија, м-р Васко Ковачевски ги поздрави вработените и присутните гости и им го честита празникот, нагласувајќи ја важната улога на рударите во АД ЕСМ и во термоелектраните, чие производство на електрична енергија почива на јагленот.
,,Нема дилема дека работата на рударите е тешка. Што се однесува до РЕК Осломеј сакаме комбинатот уште повеќе да работи и планираме нови ископи на јаглен во иднина, а токму рударите се тие кои ќе имаат носечка улога во процесот” – порача директорот Ковачевски во неговото поздравно обраќање на свеченоста.
На настанот беше присутен градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, други носители на јавни и општествени функции од општина Кичево и гости од другите подружници на АД ЕСМ, а беа доделени благодарници на заслужни вработени.
Инаку, денешната свеченост во РЕК Осломеј се одржа во пресрет на централното одбележување на Денот на рударите, кое е предвидено за 29 август,четврток, во РЕК Битола.