АД ЕСМ подели училишен прибор на првачиња со мотиви од обновливите извори
Училишен прибор со мотиви од обновливите извори на енергија и заштита на околината им подели денеска генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски на првачињата во Битола.
Директорот Ковачевски го посети ОУ ,,Стив Наумов” кое годинава има најмногу запишани првачиња во градот, 102. Ковачевски на децата им подели тефтерчиња, моливи и сокчиња и им посака успех во нивното школување.
,,За децата донесовме мали подароци за првиот училишен ден за да им кажеме дека мислиме на нив и дека сме секогаш тука кога ќе треба помош и поддршка. Тефтерчињата во кои се надеваме дека ќе ги запишат нивните први букви се со мотиви од природата, обновливите извори и заштита на животната средина, и со тоа сакаме да им пратиме порака дека од мали нозе треба да размислуваат и да делуваат во тој правец, особено што се запишани во еко-училиште кое има бројни еко-сертификати и дипломи.
Мојата радост што сум тука денеска е уште поголема поради тоа што и мојот прв училишен час се случил токму во ова училиште, ,,Стив Наумов“ – изјави директорот Ковачевски, кој во посетата беше заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Заменик-генералниот директор на АД ЕСМ, Фатмир Лимани заедно со директорот на РЕК Осломеј, Ќерим Халили денеска ги посети првачињата во основните училишта во Зајас, Грешница, Гарани, Сербица, Јагол, Другово и Лисичани –Кичево, каде поделија пакетчиња со школски материјали.
,,Децата се надежта и иднината на ова место, затоа ние како ЕСМ планираме изградба на нови фотоволтаични капацитети, два пати по 10 мегавати, а во иднина и два пати по 50 мегавати, фотоволтаични централи, кои ќе им овозможат на новите генерации професионално да се докажат и усовршуваат, а исто така тоа ќе придонесе за еколошки чиста средина” – изјави заменик-генерелниот директор Лимани, при посетата на училиштата во општина Кичево.