Ковачевски на „Кросбоу“: На АД ЕСМ му е од клучно значење да има мрежа која ќе може да ја прифати електричната енергија од обновливите извори
“Како да се интегрира електричната енергија произведена од обновливи извори кои се непостојани по својата природа и да стане конкурентна на регионалниот пазар на електрична енергија на Југоисточна Европа.” Ова е темата на регионалниот проект „Кросбоу“, финансиран од Европската комисија, а во кој од нашата земја се вклучени ФЕИТ, АД ЕСМ и АД МЕПСО.
Во продолжение го пренесуваме говорот на генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски, во кој нагласи дека на АД ЕСМ му е од клучно значење да има мрежа која ќе може да ја прифати електричната енергија од обновливите извори на начин кој таа енергија ќе ја направи предвидлива, исплатлива и без загуби.
,,Почитувани,
Дозволете ми од мое лично име и од името на Управниот одбор на АД Електрани на Северна Македонија да го поздравам овој стручен и научен собир и да ја пренесам нашата подготвеност за активна партиципација на нашата компанија во проектот CROSSBOW, свесни за неговото исклучително значење.
Почитувани,
Зголеменото користење на обновливите извори на енергија е прифатено како едно од несомнено главните решенија да се забават климатските промени.Поголемиот број земји донесоа долгорочни енергетски програми кои ги вклучуваат овие цели.Некои развиени земји во својот биланс имаат значаен удел на обновливи извори, но на многу други места допрва се прават првите чекори, а при зголемувањето на нивниот удел се наидува на бројни технички и економски проблеми.
Факт е дека кај нас широката јавност, како на ретко која друга тема, дава безрезервна поддршка на обновливите извори на енергија и на т.н. чиста енергија која доаѓа од нив. Меѓутоа, јавноста многу често го поставува прашањето-зошто едноставно ние како АД ЕСМ целосно не преминеме на производство на струја од ветерни електрани и од фотоволтаици и веднаш не ги затвориме термоелектраните и гасните елeктрани?
Причината за таквите прашања е што јавноста не е доволно запозната што значи интегрирањето на обновливите извори во системот. Што значи кога ќе се каже дека во моментов струјата од сонце и од ветер е скапа.
Да, вистина е дека тие извори се бесплатни, но примањето на производот од нив во мрежата-е предизвикот на кој работи целиот развиен свет во делот на енергетиката и бара начини и иновативни решенија како тоа да станува се поевтино, подоверливо, посигурно, за да можеме на сигурен начин во иднина да ги намалуваме и уделите на традиционалните извори на електрична енергија во нашето производство.
Ние како Електрани на Северна Македонија сме производител на електрична енергија. И ние нудиме електрична енергија од различни извори. Нашето производство главно базира на термоелектраните, но имаме и хидропроизводство, имаме производство од гас, од ветерна енергија, а почнуваме и производство од сончева енергија.
Нашата програма, согласно енергетската политика на државата, која пак е усогласена со глобалните енергетски трендови и движења-е во иднина само да се зголемува уделот на обновливите извори. Значи во поблиска и подалечна иднина- ние само ќе го зголемуваме производството на електрична енергија од обновливи извори; нема да го намалуваме.
Затоа, нас како производител, ни е важно да има мрежа која ќе може да го прифати продуктот од тие извори.
И затоа ние како компанија и нашите вработени кои се тука денеска на оваа работилница, сме сериозно и исклучително посветено вклучени во овој проект и ги даваме сите потребни податоци, анализи, следења, учествуваме во нивното компилирање, понатаму процесирање-се со цел да дојдеме до решенија за зголемување на флексибилноста и стабилноста на мрежата и до што подобро интегрирање на обновливите извори во електро-преносните и дистрибутивните системи.
Се поголемата застапеност на обновливите извори на енергија има големо влијание врз планирањето и користењето на електроенергетските системи. Квантифицирањето на влијание на обновливите извори врз преносната мрежа дава индекси кои се корисна алатка за операторот при планирањето, како и при експлоатацијата на електроенергетскиот систем.
Почитувани,
Обновливите извори на енергија се тука. Тоа што е клучно е дека научната и стручната фела во енергетиката мора да најдат начини како мрежата да ја прими електричната енергија од т.н. зелени, чисти извори, кои по својата природа се непостојани, и да ја прими на начин кој таа енергија ќе ја направи предвидлива, исплатлива и без загуби.
Заклучокот од сите научни и стручни собири и дебати во последните години е дека зголемената интеграција на обновливите извори на енергија е можна и е технолошки остварлива, но дека е потребна политичка волја и законска регулатива за да се оствари синергија на сите нивоа на системот, а тоа значи произведувачи, преносници, дистрибутери и на крајот потрошувачи. Регионалните поврзувања во енергетскиот сектор се реалност и неопходност за самите системи.
Оттука, и националните и регионалните пазари бараат (или уште повеќе-зависат) од наоѓањето решенија за подобро и поефикасно интегрирање на обновливите извори во мрежата. Од тие причини, интеграцијата на обновливите извори мора да биде следена или подобро речено предводена од промена на регулативата.
Во тој контекст, Р. Северна Македонија го донесе новиот закон за енергетика, кој е веќе во сила и е усогласен со европските регулативи, и тоа е доказ дека нашата земја е подготвена да ги поддржи сите чинители во енергетскиот сектор во трасирањето и поплочувањето на патот кон нетрадиционални извори и кон иновативни решенија во енергетиката, со цел: намалување на загадувањето и поздрава околина за сите“.