Ковачевски од ХЕ Шпилје: Јубилеите покажуваат дека хидроелектраните биле пионери во производство на електрична енергија во нашата држава
Генералниот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски престојуваше во Дебар споделувајќи ја со поранешните и сегашните вработени, гордоста од успешната пет децениска работа на хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар.
– Многумина од нас во текот на работниот век ретко доживуваат да бидат дел од вакви големи јубилеи, 50 години. Тука денеска се сите оние кои учествувале од самиот почеток на изградбата на ХЕ и гордост е денес да бидеме сите заедно, гордост е да славиме вакви јубилеи и за нив и за нас сега како генерација која што во моментот ја менаџира компанијата и ХЕ „Шпилје“, но и за сите оние генерации кои што нас ќе не‘ наследат, рече Ковачевски, упатувајќи топли и срдечни честитки до сите некогашни и сегашни вработени.
Посочи дека ЕСМ е најголема компанија за производство на електрична енергија, но исто така и најсилна економска компанија во државата.
– Во изминатите неколку години славевме неколку јубилеи, 2017 година 60 години од ХЕ „Маврово“, 2018 година 50 години ХЕ „Тиквеш“, денес тука а наредната ќе славиме 40 години од почнувањето со работа на термоелектраните Битола – Осломеј. Иако термоелектраните се наш најголем производител на енергија, но јубилеите покажуваат дека хидроелектраните биле пионери во производство на електрична енергија во нашата држава. Затоа овие јубилеи само не потсетуваат како било тешко во услови кога немало инфраструктура, немало патишта, немало развиена технологија, немало компјутери, како овие луѓе и сите оние кои биле со нив успеале да изградат вакви капитални објекти, посочи генералнот директор на ЕСМ.
Додаде дека и тој и раководството на компанијата сакаат да ги одбележуваат овие настани за да се потсетуваат како било во минатото,како е денес но и како ќе им биде на оние кои ќе ги наследат на оние позиции на кои тие се денес.
Во изминатите пет децении хидроелектраната „Шпилје“ потврди дека претставува значаен извор на електрична енергија во македонскиот електро-енергетски систем, со испорачаните 13.603 гигават часови електрична енергија.
Оваа оценка ја даде во своето обраќање Сашо Коркут, директор на хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим“, на денешната свеченост по повод одбележувањето на јубилејот, педесет години од почетокот со работа и произведените први киловат часови електрична енергија во „Шпилје“.
-Истрагите за изградба на овој објект започнале во 50-ите години од минатиот век за да конечно се започне со изградба во пролетта 1964 па се до пуштањето во погон на 4 ноември 1969 година. Лоцирана е во непосредна близина на македонско – албанската граница, на оддалеченост од пет километри од Дебар, во месноста Шпилје, низводно од составот на реките Црн Дрим и Радика, додаде тој.
Коркут направи пресек на фирмите кои учествувале во проектирањето и изградбата на објектот и опремувањето, извршените реконструкци на примарната опрема и објектите, како и инсталирањето интегриран систем (OVATION) за управување, контрола, заштита и мерење.
-Гордоста на ХЕ Шпилје и повеќе генерации вработени се произведените 13.603 гигават часови електрична енергија. Средното годишно производство е 275 гвч, а максимално годишно производство е забележано во 2010 година, кога беа прозведени 519 гвч. Денес, за разлика од почетоците пред 50 години, со повеќе од 100 вработени и со солидна кадровска екипираност, ХЕ „Шпилје“ може самостојно да го реализира процесот на работа со минимална зависност од надворешни компании, додаде Коркут.
ХЕ „Шпилје“ е дел од подружницата Хидроенергетски систем „Црн Дрим“ заедно со ХЕ „Глобочица“, кој во вкупното прозводство на хидроенергија во ЕЕС на државата учествува со повеќе од 40 отсто.
-Хидроелектраната Шпилје е прибранска – акумулациска електрана со инсталирана моќност од 84 мегавати. Машинската зграда се наоѓа околу 70 метри од низводната ножица на браната. Во зградата се сместени три агрегати опремени со Францис турбини со вертикална оска, поставени на кота 485,75 метри надморска висина, како и со трофазни синхрони генератори. Трансформаторите се сместени надвор од машинската зграда. Има акумулација со волумен 506.000.000 кубни метри вода и корисен волумен од 218.000.000 кубни метри вода. Нормалното проектирано ниво на акумулацијата е 580 метри, а минималното е 560 метри, рече Коркут.
Додаде дека од досегашното работно искуство и оперативните работни режими ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“ во споредба со останатите ХЕ во државата се со највисок просечен годишен дотек на вода, во однос на инсталираниот проток. Тоа покажува дека остваруваат голем број работни часови во годината, односно поголемиот период работат како базни хидроелектрани.
-Нов предизвик на инженерскиот кадар на ХЕС „Црн Дрим“, во соработка со повеќе научни и други релевантни институции, и визија за иднината на работењето на ХЕ „Шпилје“ и ХЕ „Глобочица“ е нивната надградба со уште по еден агрегат заради максимална искористеност како базни ХЕ и зголемување на можноста за генерирање системски услуги, посочи Коркут.
На свеченоста на која присуствуваа поранешни и актуелни работници, претставници на институции и други гости, генералниот директор Ковачевски и директорот на ХЕ „Шпилје“, Џеладин Имероски доделија благодарници и награди. Благодарници им врачија на петмина вработени исто толку награди, на пензионирани работници, меѓу нив и на првиот директор на електраната и на проектантот.