Почнува грејната сезона
АД „Електрани на Македонија“ утре ќе започне со производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за потрошувачите приклучени на мрежата на ЕЛЕМ„ Енергетика“. Парно греење ќе добијат 3.546 домаќинства, 17 воспитно-образовни институции (основни и средни училишта и детски градинки) и 75 деловни субјекти во скопските населбите Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром.
Испораката почнува осум дена пред официјалниот старт на грејната сезона поради најавениот пад на надворешните температури . Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија испораката може да почне и пред 15. октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени, согласно официјалните податоци од Управата за хидрометеоролошки работи. Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15. октомври ја носи Регулаторната комисија за енергетика.
Во изминатиот период стручни екипи вршеа подготовки односно ладни проби на системот со цел да се отстранат евентуалните недостатоци и да се обезбеди сигурно и квалитетно снабдување со топлинска енергија на постојните корисници.
Со почетокот на грејната сезона, потрошувачите ќе може да ги добијат сите потребни информации во канцеларијата за односи со јавност, лоцирана во управната зграда на ЕЛЕМ „Енергетика“, а за дефекти или рекламации, може да ги користат телефонски броеви 3104 816 и 3104 872.