Регионалниот Центар за животна средина за Централна и Источна Европа и РЕК Битола потпишаа меморандум за соработка
Извршниот директор на Регионалниот Центар за животна средина за Централна и Источна Европа со седиште во Будимпешта (РЕЦ), Михаил Димовски и директорот на АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола, Васко Ковачевски денес, во Канцеларијата на РЕЦ во Скопје, потпишаа Меморандум за воспоставување на стратешка соработка. Со документот се овозможува заедничко спроведување идни проекти кои треба да го подобрат промовирањето на одржливата употреба на природните ресурси и заштитата на животната средина, преку инвестирање во најдобрите распложливи “зелени” технологии и ефикасни оперативни практики.
Имајќи во предвид дека РЕК Битола е најголем национален производствен капацитет на електрична енергија, а Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) една од најголемите меѓународни организации кои работат на полето на животната средина, овој меморандум се очекува во иднина да обезбедува драгоцена помош при заштитата на животната средина во Битола, Пелагонија, Република Македонија, но и регионот на Југоисточна Европа.
“АД ЕЛЕМ и РЕК Битола ги препознаваат предизвиците на новото време и во таа насока се отворени за соработката со сите домашни и странски организации кои имаат за цел унапредување на искористувањето на обновливите извори на енергија и заштитата на животната средина. РЕК Битола очекува Меморандумот за соработка со Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа да отвори нови перспективи за развој и имплементација на проекти за одржливо, ефикасно и еколошко производство на електрична енергија”, изјави по потпишувањето на Меморандумот директорот на РЕК Битола, м-р Васко Ковачевски.
Препознавајќи го значењето на пристапот кон енергијата и ефикасноста на ресурсите за заштита и подобрување на животната средина и ублажување на климатските промени, РЕЦ и РЕК Битола со овој Меморандум за соработка се обврзуваат на заедничка посветеност да ги намалат влијанијата од производствените капацитети врз животната средина и нејзина заштита и унапредување преку стимулирање на одржлив развој, особено стремејќи се кон исполнување на приоритетните цели и стратегиските определби од инвестициската програма на АД ЕЛЕМ и на РЕК Битола, меѓу кои се и :
зголемено производство од обновливи извори на енергија,
зголемување на енергетската ефикасност,
модернизација на постојните објекти,
воведување на еколошки технологии и усогласување со националните и ЕУ стандардите, и
зголемена разнообразност на енергетските ресурси со зголемување на користењето на природен гас,
Овие одговорности и практики се во чекор со меѓународните протоколи и обврски за намалување на емисијата на стакленички гасови (како протоколот од Кјото), но и за подобрување на конкурентноста на компанијата на пазарот на електрична енергија, имајќи ја предвид претстојната либерализација на пазарот на електрична енергија.
Канцеларијатана РЕЦ во Македонија е присутна преку локален координатор уште од јули 1993 година, а истата официјално започна со работа во јануари 1995 година. Развојните програми на РЕЦ се направени за да ги промовираат следните клучни области:
- Планирање на интегрираното управување со отпад и јавни набавки (иновативни конкурентни тендерски постапки со цел да поттикнат учество на приватниот сектор во управувањето со отпадот);
- Стратешка оценка на животната средина;
- Планирање на интегрираното управување со водни ресурси;
- Чиста енергија и енергетска ефикасност
- Учество на јавноста во донесувањето на одлуки во врска со прашања за заштита на животната средина;
- Соработка помеѓу НВО-и, Владата, локалните институции, деловниот сектор и другите општествени чинители; и
- Зголемување на јавната свест за прашања поврзани со животната средина, како и образование за одржлив развој.