АД ЕЛЕМ се вклучи во одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа
АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола се вклучи во одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа во организација на Европската агенција за безбедност и здравје (EUOSHA) и локалното Здружение за заштита и здравје при работа Битола. По тој повод, главниот амбасадор на кампањата – НАПО го посети Комбинатот,а претседателот на битолското Здружението за заштита и здравје при работа, Кире Климевски одржа работен состанок со раководителот на Секторот за техничка сигурност при РЕК Битола, Пеце Матевски. На состанокот беа разменети мислења и искуства за зголемување на безбедноста при работа во РЕК Битола.
“Секоја година, 43-тата недела во годината, од страна на Европската агенција за безбедност и здравје (EUOSHA) е одредена како Европска недела на безбедност и здравје при работа. Оваа година тема на кампањата е: Здрави работни места – Управување со опасни сустанци. Нашите активности во Битола ги започнавме од РЕК Битола, еден од најголемите Комбинати во регионот и Македонија. Во последниов период комуникацијата со стручните служби во РЕК Битола е на високо ниво. Учествуваат на трибини, семинари, обуки и консултации од областа на заштитата при работа во организација на Здружението, со цел подобрување на безбедноста и здравјето при работа во РЕК Битола. Имајќи ги во предвид специфичноста и обемот на работа, како и бројот на вработени во РЕК Битола, се надевам дека следната година ќе биде уште поуспешна во однос на безбедноста при работа”, рече Кире Климевски, претседател на Здружение за заштита при работа Битола.
Службата за техничка сигурност при РЕК Битола се вклучи во одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа сакајќи да стави акцент на напорите што ги презема Комбинатот за обезбедување на подобри услови за своите вработени. Иако до крајот на годината остануваат два месеци, трендот на намалување на бројот на повреди при работа во РЕК Битола во споредба со претходните години е очигледен, велат од Службата за техничка сигурност. Според статистиката на Комбинатот, во цела 2017 година биле регистрирани 88 повреди на работно место, годинава до денес во РЕК Битола забележани се 70 повреди на работно место. Во споредба пак со 2016 година, годинава заклучно со октомври бројот на повреди на работно место во РЕК Битола е речиси преполовен – 120 во 2016-та , 70 до ноември 2018-та.
“И покрај охрабрувачките показатели, сметам дека постои дополнителна можност за намалување на бројот на повреди на работно место во комбинатот и на тоа ќе се фокусира Службата за техничка сигурност во следниот период. Планирана е набавка на нова опрема за заштита на вработените, осовременување на противпожарната служба и зголемување на бројот на лиценцирани работници за заштита при работа”, рече Пеце Матевски, раководител на Службата за техничка сигурност при РЕК Битола.
По повод Европската недела за заштита и здравје при работа во посета на РЕК Битола беше и главниот амбасадор на Европската агенција за безбедност и здравје – НАПО. НАПО е приказ на типичен работник во било која индустрија или сектор. Често, тој е изложен на заеднички опасности и ризични ситуации на работното место. Сепак, активно е вклучен во идентификување на ризиците и обезбедување на практични решенија. НАПО, заедно со неговите соработници, учествува во серија филмови без јазик, кои им овозможуваат на луѓето од сите средини, култури и возрасти да се разберат и да се идентификуваат со него.