Ковачевски на МАКО СИГРЕ: Доминираат теми поврзани со биогасот, фотоволтаици, енергетска ефикасност, акумулации и енергија од ветер
Денеска во Охрид, во х. Метропол беше отворено 11-то Советување на Асоцијацијата на инженери и техничари МАКО СИГРЕ. На отворањето се обрати Васко Ковачевски, генералниот директор на АД ЕСМ, главен спонзор на годинешната конференција. Ковачевски се осврна на заедничките енергетски пазари, обновливите, но и традиционалните извори на електрична енергија.
,,На листата на трудови на ова Советување доминираат теми поврзани со биогасот, фотоволтаици, енергетска ефикасност, акумулации, ветерници итн., што покажува дека сите ние сме свесни за потребата и значењето на обновливите изводи денеска, како и за нивното значење и улога кои ќе доаѓаат во иднина. Но исто така, не можат да се занемарат и традиционалните извори на електрична енергија, бидејќи базната енергија е нешто што е клучно за целиот овој процес, сега и во една догледна иднина. Тоа го покажуваат и трудовите кои ги имаме и на ова советување, а кои произлегуваат од теми од работењето на термоелектраните и како термоелектраните да се направат поефикасни и поодговорни кон околината при својот производен процес. Исто така, сакам да напоменам и дека енергетското поврзување и заедничките пазари на енергија се нешто во кое длабоко веруваме и за кое се залагаме“-порача Ковачевски.
Претседателот на МАКО СИГРЕ, Благојче Трповски информираше дека годинава на Советувањето се прифатени 113 трудови од земјата и од странство.
,,Особено сум среќен што од година во година се зголемува интересот на студентите за учество на нашите советувања. Годинава имаме 20тина студентски трудови кои ќе бидат презентирани преку постери, а дел од оние кои го привлекле вниманието на студиските комитети, ќе имаат и усмена презентација. Меѓу целите на МАКО СИГРЕ е континуирана поддршка на студентите, но се надевам дека искуствата и познанствата кои студентите ќе ги стекнат овде, ќе им бидат мотив да се вратат како автори на трудови и наши редовни членови и на идните советувања на МАКО СИГРЕ“-рече Трповски во обраќањето.
Претседателот на Организациониот одбор на МАКО СИГРЕ, Иван Трпески рече дека подготовките за Советувањето вродиле со плод преку бројни учесници и трудови кои ќе бидат презентирани. ,, Се надевам дека од организационен аспект ќе одговориме на вашите очекувања и дека ќе ја продолжиме традицијата на МАКО СИГРЕ – да остварува врска помеѓу сите чинители во електроенергетскиот сектор,,-рече Трпески. 11-тото Советување на МАКО СИГРЕ ќе трае до вторник, 8 октомври, со презентирање на стручни трудови од областа на производството, преносот и дистрибуцијата на електрична енергија.