АД ЕСМ ќе набави еколошки автобуси за превоз на работниците во РЕК Битола
АД ЕСМ објави јавен повик за купување на шест нови автобуси за превоз на работниците во РЕК Битола. Автобусите ќе бидат еколошки, со погон на CNG, односно метан. За оваа цел предвидени се 88 милиони денари или 1,4 милиони евра, сопствени средства на АД ЕСМ. Јавната набавка е сега, на крајот од годината како резултат на домаќинското работење на компанијата и заштедите направени во текот на годината.
“ Ова е прва ваква набавка на автобуси од 2000-тата година. Дел од автобусите кои и денес се користат за превоз на работниците биле набавени како половни во 2014-та година. Тоа доволно зборува за катастрофалната состојба во која се наоѓа автобускиот возен парк на РЕК Битола”,рече генералниот директор на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски.
Според него, со набавката на новите, еколошки автобуси за превоз на работниците од РЕК Битола, ќе бидат постигнати неколку цели.
“Прво, ќе биде зголемена безбедноста и квалитетот на превозот на работниците од РЕК Битола кои работат во исклучително тешки услови. И во рудниците, и во термоелектраната. Тие тоа го заслужуваат. Второ, од еколошки аспект, автобусите кои сега ги превезуваат работниците многу ја загадуваат животната средина и не ги исполнуваат минималните еколошки стандарди. Граѓаните со право реагираат. И мене како на битолчанец, не ми е пријатно кога ги гледам низ улиците на Битола. И трето, со набавката на новите автобуси, АД ЕСМ и РЕК Битола ќе ја потврдат општестевната одговорност кон општините Битола, Новаци и Могила. Овие автобуси кога нема да превезуваат работници на РЕК Битола, согласно законската регулатива, ќе вршат превоз на ученици, студенти, во вторник и петок пензионери, спортски клубови, членови на здруженија и невладини организации. И сето тоа, секако во согласност со нашите можности ”, рече Ковачевски.
Директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски додаде дека набавката на новите автобуси на природен гас за РЕК Битола е исполнување на уште едно ветување со цел подобрување на условите за работа во комбинатот, намалување на трошоците за работа и заштита на животната средина.