АД ЕЛЕМ ги препозна потенцијалите на младите научници Никола и Бранка и им помогна да бидат дел од олимпијада во Њујорк

Охридските средношколци Никола Таштаноски и Бранка Бунташеска заминаа на интернационалната средношколска олимпијада ГЕНИУС 2012 која од 24-ти до 29 јуни се одржува во Њујорк, САД за да го презенираат својот проект за заштита на животната средина и користење на обновливи извори на енергија.

Талентот на овие млади научници  го препозна АД Електрани на Македонија, која го финансираше авионскиот превоз до Њујорк со што  им помогна да го реализираат својот сон и да се натпреваруваат со најдобрите ученици од светот.

Покрај проектот на Бранка и Никола, на овој интернационален натпревар ќе учествуваат уште 247 проекти.
– Станува збор за меѓународна олимпијада по екологија која исклучиво опфаќа теми кои што се поврзани со планетата Земја, што ќе овозможат обновување на сето тоа што е уништено или да придонесат за заштита од загадувањето, ни појасни недоамна  Бунташеска.

Нејзиниот проект-партнер Никола, во истата прилика ни раскажа дека во проектот  вложиле исклучително голем труд, а за сите истражувања и подготовки потрошиле повеќе од 4 месеци.

– Самата можност да аплицираме за ова натпреварување беше голем предизвик за нас,  па сериозно се зафативме за работа и буквално го работевме проектот секоја вечер, а некогаш и до 4 часот по полноќ, настрана од сите училишни активности, рече Таштаноски.

Тој појасни дека одлучиле  да изработат  проект од областа на енергетиката затоа што сметале дека такво нешто ќе привлече поголем интерес кај комисијата за награди.

Инаку Таштаноски и Бунташеска кои моментално се стипендисти на Приватното средно училиште ,,Јахја Кемал” од Струга, во основно училиште направија научен проект за пастрмката, кој стана дел од меѓународен научен труд.

АД ЕЛЕМ им посакува успех на младите научници на оваа престижна меѓународна манифестација.