Објавен јавен повик за изградба на 100 мегаватна фотонапонска електрана во Осломеј
АД ЕСМ распиша јавен повик за изградба на 100 мегаватна фотонапонска електрана на просторот на исцрпениот рудник за јаглен на РЕК Осломеј по пат на јавно-приватно партнерство, односно две електрани по 50 мегавати.
Согласно условите на вчера објавениот оглас, електраните со очекувана вредност на инвестиција од 80 милиони евра ќе треба да ги гради приватниот партнер, а ЕСМ ќе ја обезбеди локацијата, пристапни патишта до електраните и балансирањето на енергијата. Право на учество на огласот имаат сите домашни и странски компании, а на тендерот ќе победи понудувачот кој на ЕСМ ќе му понуди највисок процент од продадената електрична енергија.
Како што информира генералниот директор на АД ЕСМ м-р Васко Ковачевски на денешната конференција за печат во Владата, договорот за јавно-приватно партнерство ќе биде на 35 години, по што приватниот партнер ќе треба на ЕСМ да му го пренесе правото на сопственост на фотонапонските електрани и да ги предаде во фактичко владение во исправна, оперативна и погонска состојба.
-Приватниот партнер за балансирањето на енергијата ќе му исплаќа на ЕСМ годишно сума од најмалку 10 проценти од продадената енергија по цена според регионалната берза HUPX. Пресметките покажуваат дека нашата заработка како компанија на годишно ниво би се движела од 800.000 до еден милион евра, а само осум проценти од овие средства ќе бидат трошок за балансирањето, рече Ковачевски.
Тој прецизира дека новото друштво ќе треба да преземе најмалку 100 вработени од РЕК Осломеј со што, како што рече, се решава уште еден проблем покрај обврската за рекултивирањето на земјиштето на рудникот.
Најави дека се во подготовка на уште неколку капацитети од ОИЕ како што се Чебрен, фотоволтаици во Осломеј и Битола, дополнување на ветерниот парк во Богаданци и нов ветерен парк во Миравци.
Премиерот Оливер Спасовски потсети дека земјава лани беше прогласена за лидер во енергетиката во регионот и додаде дека имаат намера на таа позиција да остане и во иднина.
-Приоритетните мерки што ќе бидат преземени во енергетиката ќе се фокусираат на ОИЕ. Нашата голема цел е да ја направиме нашата држава една од оние европски земји кои ги прифатија сите предизвици на енергетската транзиција и од доминантно застапени фосилни енергенси да се трансформираме во земја во која во значителна мерка ќе преовладуваат енергетски капацитети кои ќе користат сонце, ветер и вода, рече Спасовски.
Тој како најзначаен придонес во таа насока го оцени распишувањето на јавниот оглас за изградба на 100 мегаватна фотонапонска електрана во Осломеј и потсети на веќе потпишаните договори за изградба на фотоволтаици.
– Нашата земја е земја на Сонцето. Со заедничка работа сончевата енергија ќе ја направиме да биде еден од генераторите на економскиот раст, порача Спасовски.
Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека изградбата на енергетски капацитети од ОИЕ, односно инвестирањето во зелена енергија е една од главните цели на земјава.
-Реформата во енергетскиот сектор беше еден од приоритетите уште по формирањето на новата влада. Во таа насока беше донесен и Законот за енергетика преку кој се олеснува инвестирањето во ОИЕ, рече Бектеши и додаде дека главен фокус во Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година е декарбонизацијата на енергетскиот сектор и промовирање на ОИЕ на начин кој обезбедува одржлив развој.
Потсети дека во земјава допред две ипол години имаше фотонапонски електрани со инсталирана моќ од само 20 мегавати, а со огласот објавен денеска, со потпишаните договори за изградба на 62 мегавати и со останатите кои се во тек ќе се стигне до предвидената цел од 200 мегавати.