АД „ЕЛЕМ“ учествува на „Power-Gen Europe 2012“ во Келн
Енергетските компании од светот меѓу кои и АД „Електрани на Македонија“ своите достигнувања во изминатата година ќе можат да ги презентираат на саемот „Power-Gen Europe 2012“ што ќе биде отворен денеска во Келн, Германија.
Ова ќе биде второ претставување на АД ЕЛЕМ во рамките на најголемата саемска манифестација во светот од областа на енергетиката. Прв пат можностите на македонската компанија за производство на електрична енергија и поволностите што ги нуди за соработка беа претставени лани во Милано, Италија на „Power Gen – Europe 2011“.
Стручен тим на компанијата ќе ги претстави потенцијалите и енергетските можности, како и проектите од областа на енергетиката што се во фаза на реализација или чија реализација се планира за во блиска иднина.
На тридневната саемска манифестација, која воедно е и берза на проекти и опрема од областа на енергетиката, секоја година се претставуваат по околу 800 компании меѓу кои и најзвучните светски енергетски брендови.