Пултови со прирачници за ревматолошки и мускуло-скелетни заболувања ќе се инсталираат во здравствени и други институции со поддршка од АД ЕЛЕМ
Едукативни и информативни пултови на кои ќе има прирачници (водичи) за 10 најчести ревматолошки и мускуло-скелетни заболувања ќе бидат инсталирани во здравствени и други институции ширум државата во рамки на тековниот проект „Со едукација до здравје“, кој денеска на прес-конференција го претстави невладината организација за ревматизам и артрит „НОРА“.
Во секој прирачник, информираа од „НОРА“, на 12 страни се опфатени корисни теми со совети, поддршка, третман и други теми за кои пациентите секогаш се интересираат. Досегашниот тираж е 25.000 прирачници, но целта на НВО „НОРА“ е и мотото на овој проект „прирачник за секого“ односно 200.000 прирачници.
Претседателот на НВО „НОРА“, Драган Чичиќ на прес-конференцијата рече дека досега се инсталирани три пулта – два во Клиниката за ревматологија во Скопје – на болничкото одделение и амбулантниот оддел, и еден во Клиничката болница во Битола-Центар за ревматологија. До крајот на месецов ќе се инсталираат пултови во општите болници во Штип, Струмица, Тетово и Куманово.
Тој и искажа благодарност на АД ЕЛЕМ како партнер во реализацијата на оваа иницијатива. Токму без поддршката од оваа компанија, рече Чичиќ, реализацијата на проектот би била невозможна.
Целосната логистичка поддршка за инсталацијата на пултовите во здравствените институции, како и при дистрибуцијата на овој материјал до пациентите и матичните лекари ја овозможи Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).
Директорот на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова информираше дека поддржувањето на овој проект е дел од акцискиот план на Фондот. Таа посочи дека ревматолошките заболувања се маргинализирани и нивното рано детектирање е голем проблем.
Мирче Котевски, портпарол на АД ЕЛЕМ истакна дека како компанија веднаш го препознале квалитетот на проектот и први дале логистичка и финансиска поддршка за негова реализација.
-Убеден сум дека имплементацијата на ваков проект значајно ќе влијае на превенција на граѓаните од ревма и мускулно скелетни заболувања. Ние директно го поддржавме печатењето на 25.000
информативни брошури за кои, според нашите сознанија , веќе постои огромен интерес. Во рамките на своите можности, АД ЕЛЕМ се очекува и во иднина да поддржува вакви или слични иницијативи. На нашите партнери во проектот НВО „НОРА“, од името на АД ЕЛЕМ им посакувам успех при реализацијата на овој едукативен проект – изјави Котевски.