ИНВЕСТИЦИСКИ ВЛОЖУВАЊА ВО 2010 ГОДИНА

АД „Електрани на Македонија“ во текот на 2010 година активно ги продолжи своите инвестициони активности  за подобрување и модернизација на постојните капацитети, а започна и со подготовки за изградба на нови производствени капацитети. Со оглед на тоа што во 2009 година, АД ЕЛЕМ го започна најголемиот инвестициски циклус од постоењето на компанијата, во текот на цела 2010 година продолжи трендот на инвестирање и реализација на започнатите проекти. АД ЕЛЕМ инвестираше околу 50 милиони евра, во  нови проекти, како и во одржување на погонската подготвеност на постојните  енергетските објекти:

РЕК „Битола“

Во најголемиот комбинат за производство на електрична енергија РЕК „Битола“ се инвестираше во обезбедување континуитет во ископ на јаглен како и продолжување на работниот век на ТЕ „Битола“ со модернизацијата на трите блока. Редовното снабдување со јаглен на ТЕ „Битола“ ќе се обезбеди со паралелна работа на трите рудници „Суводол“, „Брод-Гнеотино“ и „Подинска Јагленова Серија“.

Еден од најзначајните проекти изминатата година беше започнување на модернизацијата и ревитализацијата на агрегатите со цел продолжување на работниот век на ТЕ „Битола“. Во текот на 2010 година успешно е завршена модернизацијата на првиот блок во износ од 22 милиони евра.

Со втората фаза ревитализација на котлите на ТЕ „Битола“ се очекува да се обезбеди најмала потрошувачка на топлина на влезот на котелот односно зголемување на ефикасноста на блокот како и намалување на емисијата на штетни гасови согласно директивите на ЕУ. Проектот е во фаза на тендерска процедура за изведба и распишан е тендер за избор на консултант.

Проект за санација на постоечкиот багер од рудник „Суводол“

Хаваријата на роторниот багер СРс 2000/553 од рудникот „Суводол“ се случи во мај 2008 година. За санација на багерот склучен беше договор со фирмата Такраф (по системот клуч на рака). Финансиските средства во износ од 8,2 милиони, во согласност со  договорот со Такраф, беа обезбедени од АД ЕЛЕМ, а во 2010 година се реализирани инвестициски активности во износ од 3,3 милиони евра. Санацијата на багерот, што е наменет за ископ на јаловина во ПК „Брод-Гнеотино“, е комплетно завршена.

Површински коп „Брод-Гнеотино“

Отворањето на ПК „Брод-Гнеотино“, проект вреден 94 милиони евра е во завршна инвестициска фаза. Во април 2010 година беше потпишан Договор за набавка и за монтажа на главниот транспортен систем за јаглен од ПК „Брод-Гнеотино“ до ПК „Суводол“ со „Тисен Круп“ од Германија. Вкупниот износ од 18,6 милиони евра за главниот транспортен систем за јаглен се обезбедени од кредитни и сопствени средства  на АД ЕЛЕМ. За оваа цел во текот на 2010 година се инвестирани 4,9 милиони евра.

Површински коп „Подинска Јагленова Серија“

Во мај 2010 година отворена е и пуштена во работа ПК „Подинска Јагленова Серија“ со пренамена на набавената рударска опрема багер и одлагач од ПК „Брод – Гнеотино“. За набавка на овој дел од опремата беа обезбедени финансиски средства со кредитно задолжување од КФВ банката во износ од 16,60 милиони евра од кои во 2010 година беа инвестирани 2,29 милиони евра.

Доистражувања во Јагленовото лежиште Мариово

АД ЕЛЕМ започна со инвестирање во јагленови лежишта кои се од исклучителна важност за Република Македонија. Имено, во 2010 година завршени се геолошките и геотехнички доистражувања на јагленовото лежиште Мариово, согласно предвидениот рок и проектираната спецификација за вршење на теренските и лабораториски испитувања. Во овој проект АД ЕЛЕМ инвестираше два милиони евра, а во 2010 година се реализирани инвестициони активности во износ од 1,4 милиони евра.

Подружница „Енергетика“
Во текот на 2010 година целосно заврши реконструкцијата и модернизацијата на двата турбоагрегата во подружница „Енергетика“, лоцирана во скопската населба Железара. Со реализацијата на проектот, АД ЕЛЕМ, дополнително доби на располагање 30 MW нова инсталирана моќност за потребите на електроенергетскиот систем на Република Македонија. Во ноември 2009 пуштен е во работа првиот агрегат, а вториот агрегат во февруари 2010 година. За овој проект, реализирани се инвестициски активности во износ од околу 3,6 милиони евра, а во 2010 година се инвестирани 370 илјади евра.

Обновливи извори на енергија

ХЕЦ„Бошков Мост“, акумулација „Луково Поле“ и Парк на ветерни електрани „Богданци“
АД ЕЛЕМ во текот на 2010 година работеше на трите мошне значајни големи проекти како за АД ЕЛЕМ така и за Република Македонија, ХЕЦ „Бошков Мост“, Акумулација „Луково Поле“ и Парк на ветерни електрани „Богданци“. Во 2010 година за овие проекти беа реализирани активности за изработка на техничка документација неопходна за добивање одобрение за градба и подлоги за потребите на понатамошното проектирање.

Проект „Ревитализација на ХЕ –  втора фаза“
Со проектот „Ревитализација на ХЕ – втора фаза“ се предвидува да се замени застарената и истрошена хидро-механичка, машинска и електро опрема и да се интервенира во градежните објекти. Освен замена на старата опрема, во рамките на реализација на проектот, ќе се инсталира дополнителна опрема особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата на стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти. Со спроведување на предвидените зафати вкупната инсталирана моќност на хидроелектраните во системот на АД ЕЛЕМ ќе се зголеми за 18,31 MW, како и дополнително производство на електрична енергија од околу 50 GWh. За оваа цел во 2010 година е потпишан Договор за кредитирање со KФВ банка. За овој проект обезбеден е и консултант кој во соработка со АД ЕЛЕМ ќе го изработи тендерот за опрема и ќе учествува во имплементација на проектот. Во тек е подготовка на тендерска документација за набавка на опрема.

ХЕ „Св. Петка“

ХЕ „Св. Петка“ е алката што недостасува за оптимално искористување на хидропотенцијалот на реката Треска. Со паралелна работа на ХЕ „Козјак“ и ХЕ „Св. Петка“ ќе се добие дополнителна расположива снага од cca 110 MW во електроенергетскиот систем. Во моментов се изведува бетонирање на машинска зграда и вградување на бетонирани делови и опрема, бетонирање на браната и дренажна галерија, инјектирање од инјекционите галерии на лева и десна бочна завеса. Паралелно со градежните работи се врши производство и испорака на опремата. Во 2010 година реализирани се инвестициски активности во износ од 7,5 милиони евра.

Проект „Сончева електрана“
За проектот сончева електрана потпишан е консултантски договор за изработка на студија со Согреа и добиен е грант од француската влада во износ од 400.000 евра.