ТОПЛИФИКАЦИЈАТА ОД РЕК БИТОЛА ДО ГРАДОТ БИТОЛА ЌЕ ЈА ГРАДИ МЕЃУНАРОДНИОТ КОНЗОРЦИУМ RBA
Меѓународниот конзорциум RBA составен од бугарско-македонски фирми ќе го гради топловодот од РЕК Битола до градот Битола со приклучоци за селата Новаци и Могила. Претставниците на конзорциумот го информираа АД ЕСМ дека веднаш ќе започнат со градба и со поставување на цевките по трасата која е одредена во проектот финансиран со кредит од германската Дојче Банка и чија изградба ќе чини 34 милиони евра.
Во последните три години се одредуваше стратегија за иднината на РЕК Битола и како јагленот да се замени со еколошко гориво во следните години, од што директно зависи и проектот за парно греење за Битола, со оглед на тоа што топлификацијата ќе ја користи водената пареа која излегува како нус-продукт во процесот на производство на електрична енергија во термоелектраната.
Искористувањето на водената пареа од РЕК Битола за греење на Битола е план кој постоел уште со отворањето на комбинатот пред четири децении. Сега почнува да се спроведува на терен и истиот ќе обезбеди чисто и еколошко греење за граѓаните, а кое ќе произлегува од РЕК Битола кој за 5 години во најголем дел ќе биде заменет со гасна електрана.