КОВАЧЕВСКИ: ЌЕ ГО ЗГОЛЕМИМЕ ПРОИЗВОДСТВОТО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА, ВИШОЦИТЕ ЌЕ ГИ ПРОДАВАМЕ НА БЕРЗА
АД ЕСМ будно ги следи движењата на пазарот на електрична енергија, каде во изминатите осум месеци се бележи енормен раст на цената на електричната енергија. Со нашиот план за ископ на јаглен и производство на електрична енергија, ние имаме стабилно производство и ги задоволуваме потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за снабдување на домаќинствата, по цена значително пониска од пазарната, со цел да не се почуствува ценовен шок кај граѓаните.
Но, за стабилен електро-енергетски систем потребно е да се произведе дополнително количество електрична енергија, и за истото е потребен засилен ископ на јаглен во РЕК Битола, како и набавка на јаглен на меѓународен јавен повик.
АД ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што во текот на утрешниот ден ќе биде објавен меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на еден блок во РЕК Битола и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј. Со оваа произведена енергија ќе го зацврстиме електро-енергетскиот систем, додека дополнителните количини, односно вишоци, ќе ги продадеме на слободниот пазар и со тоа ќе оствариме приход за компанијата и за државата.