ЕЛЕМ овозможи превентивен одмор за децата од ОУ „Славко Лумбарковски“

Во рамките на проектот „Дајте ни воздух и здрава животна средина“ ЕЛЕМ им овозможи превентивен одмор на децата од О.У. „Славко Лумбарковски“ од с. Новаци, во хотелот „Молика“ на Пелистер.

ЕЛЕМ како општествено одговорна компанија, без оглед што ги презема сите мерки за заштита на животната средина, секогаш  им стои на располагање на локалните власти и на заедницата за заедничко спроведување на проекти од јавен интерес. Овој проект за заштита на здравјето на децата се темели на градење меѓусебна доверба меѓу населението од општина Новаци, АД ЕЛЕМ и локалната самоуправа во Општината. Компанијата, постојано, е мотивирана за реализација на ваков вид  проекти со кои се промовира заштитата на животната средина од загадување на воздухот и последиците од штетните влијанија и се овозможува поквалитетно живеење на населението во непосредна близина на РЕК Битола.

Несомнено е дека во изминатите години, АД ЕЛЕМ систематски и континуирано презема мерки за спречување на штетните влијанија на околината и за подобрување на здравјето на  населението во близина на Комбинатот. Во своите  континуирани активности и заложби за заштита на животната средина АД ЕЛЕМ преку проектот „Дајте ни воздух и здрава животна средина“  обезбедува престој на децата чии семејства материјално не се во можност самостојно да ги покријат трошоците за сместување во угостителските објекти. Исто така, покрај можноста за уживање во чистиот воздух во Националниот парк „Пелистер”, проектот што АД ЕЛЕМ го спроведува со своите партнери има и едукативен карактер односно се спроведува како настава во природа.

Имено, целта е учениците под надзор на стручни лица изворно да се здобијат со знаење, претстави и поими, дополнување, потврдување и систематизација на нивното знаење,преку набљудување и истражување, зајакнување на нивното здравје, развивање на позитивен однос кон природните убавини, развивање на еколошка свест, имплементација на одредени знаења од целокупниот воспитно-образовен процес.