Падините на Пелистер подготвени за скијање

Годинава, по шест пропуштени зимски сезони, проработи познатиот ски-центар „Копанки“. Зимските спортови се  враќаат на „Копанки“ благодарение на АД ЕЛЕМ, кој преку својот ДООЕЛ, хотелот „Молика“, потпиша договор за десетгодишно управување со ски-патеката. За оваа скијачка сезона, на Пелистер е префрлен ратракот од Попова Шапка и по полудецениска пауза повторно ќе проработи жичарницата.

АД „Електрани на Македонија“ ја  реконструираше жичарницата, стара 35 години, а која поради дефект на сајлата не работеше пет години.  ЕЛЕМ во оспособување на овој значаен инфраструктурен објект вложи 1,8 милиони денари. Како општествено одговорна компанија, со дел од своите финансии,  ја ревитализираше жичарницата и  ги обезбеди неопходните услови за враќање на скијачите на Пелистер.

Со парите што ги издвои ЕЛЕМ, минатата сезона беше замената старата носечка сајла на жичарницата со нова од Италија, како и други делови испорачани од Франција. Седиштата беа реновирани во фабриката за опрема и делови „ФОД“ од Битола, која, исто така, е ДООЕЛ-фирма на ЕЛЕМ, а беше расчистена и ски-патеката и се донесе ратракот од ски-центарот со кој стопанисува Попова Шапка. Од Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ велат дека годинава ќе има скијање за голема радост на битолчани и на другите љубители на зимските спортови, бидејќи тие стопанисуваа со ски-патеката, но немаа доволно средства да ја одржуваат.

Ова позитивно ќе влијае на привлекувањето туристи, особено за „Молика“, којшто се наоѓа на само неколку десетици метри од патеката „Копанки“ и е единствен хотелски комплекс со поголем капацитет.