Се одржа традиционалниот Шарпланински куп

Најстарата скијачка манифестација во Македонија Шарпланинскиот куп се одржа од 24 до 26 февруари. Станува збор за 39. традиционално натпреварување, што е под покровителство на Владата на Република Македонија, а генерален спонзор е АД „Електрани на Македонија“. Шарпланинскиот куп беше прогласен за отворен од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, којашто истакна дека Купот е македонско национално богатство и гордост, каде се сплотуваат пријателството, натпреварувачкиот дух и желбата за победа. Учесниците на Шарпланинскиот куп се натпреваруваа во две трки, слалом и велеслалом, а се скијаше на патеките „Орлова“ и „Езерино“ на Попова Шапка.

Претседателот на Организацискиот одбор, г.Димитар Танурков , истакна дека од 2009 година, со возобновувањето на Шарпланинскиот куп,  организаторите се обидуваат да ги достигнат европските и светски стандарди  за ваква врвна скијачка манифестација која ја афирмира Македонија во Европа и пошироко. Организацијата на Купот заслужува секоја пофалба што го истакнаа во своите изјави и сите учесници. Директорот на натпреварот, скијачката легенда Бојан Крижај,  смета дека Шарпланинскиот куп е натпреварување кое од година во година собира се попознати лица од светот на скијањето со што се придонесува за поголема афирмација, но и квалитет на овој спорт во Македонија. На 38-то издание на Шарпланинскиот куп учествуваа 29 скијачи од Србија, Грција, Словенија, Австрија, Шведска, Словачка, Франција, Албанија, Црна Гора  како и домашни учесници. Победникот, покрај паричната награда, доби и куче шарпланинец, што е дел од славеничкиот ритуал на оваа манифестација.