Поддршка на учениците – научници

АД „Електрани на Македонија“ во рамките на својата Декларација за општествена одговорност финансиски ги поддржа учениците од гимназијата „Јахја Кемал“ од Струга.

Учениците Бранислав Стојков, Стефан Бушевски и Зафир Анѓелески учествуваа на Олимпијадата за млади физичари што се одржа во САД, каде ги споделија своите проектни идеи, искуства и знаења, иновативно промовирајќи глобален одржлив развој. Тие настапија во конкуренција на 720 ученици од 72 земји од целиот свет. Според официјалниот список на наградени, Бранислав Стојков освои златен медал во категоријата животна средина за проект изработен со своја соученичка, што се однесува на прочистување на води, а неговите двајца соученици, Стефан Бушевски и Зафир Анѓелески, освоија сребрени медали за проект поврзан со изнаоѓање начин за загревање на пластениците.

Учениците Никола Таштаноски и Бранка Бунташеска изработија уникатен проект за заштита на животната средина и користење на обновливи извори на енергија, со кој станаа финалисти на Интернационалната средношколска олимпијада за заштита на животна средина Глобал инвајорментал ишјус УС (ЏЕНИУС 2012). Проектот е квалификуван во рамки на официјалната листа, а се однесува на изработка на соларни клетки што се употребуваат во производство на електрична енергија, како обновлив енергетски извор. АД ЕЛЕМ ги покри патните трошоци неопходни за да го претстават својот проект во Њујорк од 21 до 29 јуни 2012.

Финансиската поддршка што ја обезбеди АД Електрани на Македонија за учениците треба да биде поттик  и за други компании и физички лица да помагаат и да инвестираат во вакви проекти.