ФОТОНАПОНСКАТА ЕЛЕКТРАНА „ОСЛОМЕЈ 1“ ПОЧНА ДА ГИ ПРОИЗВЕДУВА ПРВИТЕ КОЛИЧИНИ ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД СОНЦЕ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со претставници од Владата, првиот вицепремиер и министри, и генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, денеска присуствуваа на завршувањето на градбата на фотоволтаична електрана „Осломеј“, каде започна тест период на целосно монтираната опрема.

„Целта на Владата заедно со институциите и партнерите е да станеме земја која од европски доминантно застапените фосилни енергенси, се насочува кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето што го имаме во изобилство во текот на целата година, како и ветерот, водата и гасот. Затоа со задоволство ја прифатив поканата, денеска да присуствувам на отпочнувањето на тест периодот на монтираната опрема на фотонапонска електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ, изградена на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“. 

Навистина е за почит што токму на ова место кое е некогашен загадувач на животната средина, веќе имаме капацитет кој е подготвен од сончева, да произведува чиста и зелена енергија“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој истакна дека придобивките од оваа инвестиција, која се реализираше со кредит од Европската банка за обнова и развој, се повеќекратни и дека Владата покажува вистинска грижа кон животната средина.

„Освен што со годишното производство од оваа нова фотоволтаична електрана од 15 до 17 гигават-часови ќе ги снабдиме потребите на околу 2.800 домаќинства со електрична енергија, правиме и ре-култивација и оплеменување на 15 хектари површина”, потенцираше премиерот Ковачевски и најави дека процедурата за изградба на Чебрен е во втора фаза со што најважниот проект за енергетската транзиција на земјата конечно ќе дојде до фаза на реализација.

„Во време на криза, преземаме храбри чекори и инвестициски проекти кои го трансформираат енергетскиот систем и кои се насочени кон користење на обновливи извори на енергија, енергетска независност и заштита на животната средина”, рече премиерот Ковачевски.

Официјалното пуштање во употреба на оваа фотоволтаична електрана, веднаш по завршувањето на тест периодот, значи почеток на енергетска транзиција на РЕК „Осломеј“ и Кичевскиот Регион.

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека за десетина години целосно ќе преминеме кон производство на електрична енергија од обновливи извори, односно дека ќе се прекине со производство од јаглен.

„Како што е наведено и во Стратегијата за развој на енергетиката што беше усвоена од Владата во 2019 година, и истата овозможува флексибилност на земјата да одговори на соодветните политики за управување во ЕУ, што води кон модерна, конкурентна и климатски неутрална економија до 2040 година“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски изјави дека ова е првата енергетска транзиција на електрана на јаглен во чиста енергија, во регионот.

„Со гордост можеме да соопштиме дека фотонапонската електрана Осломеј 1 веќе ги дава своите први киловати електрична енергија во системот и со задоволство можеме да констатираме дека АД ЕСМ и официјално го прошири своето портфолио на обновливи извори, и сега покрај енергија од ветер произведуваме и електрична енергија од сонце“, подвлече директорот на ЕСМ Ковачевски.

Договорите од една страна се потпишани од ЕСМ, како јавен партнер и од друга страна со „Фортис Енерџи“ од Турција во едната електрана, а со „Солар про“ од Бугарија во другата. Приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18% и 18,50% од произведената електрична енергија за час. Од овие инвестиции државата се очекува да заработува околу 1,5 милиони евра годишно.

Владата ја донесе новата Стратегија за развој на енергетика до 2040 година, која целосно е базирана на Европскиот Зелен Договор и веднаш започна со нејзина имплементација. Преку концептот на Стратешки инвестиции, обезбедени се над 1000 MW, во проекти за изградба на фотонапонски централи и ветерни централи и тоа со реномирани компании кои доаѓаат од ЕУ, како што се „АКУО“ од Франција и „WPD“ од Германија кои се водечки компании во Европа за развој на проекти од обновливи извори на енергија.

Линк до видео со инсерти од посетата на електраната „Осломеј“

Линк до видео од изјавата на премиерот Ковачевски

Линк до видео од изјавата на министерот Бектеши

Линк до видео од одговори на новинарски прашања на премиерот Ковачевски