АД ЕСМ ПОДГОТВУВА ИЗГРАДБА НА ЧЕТИРИ СОНЧЕВИ ЕЛЕКТРАНИ ВО РЕК БИТОЛА СО МОЌНОСТ ОД 280 MW

АД ЕСМ подготвува изградба на четири фотонапонски електрани со вкупна инсталирана моќност од 280 MW во РЕК Битола.

Првата електрана од 20 MW ќе биде лоцирана во самиот круг на комбинатот, веднаш до Термоелектраната, и за истата во тек е изработка на концептуален проект од страна на консултантот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Потоа ќе следува изработка на техничка спецификација и тендерска документација за избор на изведувач.

Втората фотонапонска електрана од 60 MW ќе биде изградена на тлото на исцрпените наоѓалишта на јаглен во рудникот Суводол. Во тек е тендерирање за избор на најповолен консултант за изработка на фисибилити студија и студија за животна средина, а потоа ќе се имплементира проектот со најсоодветниот модел за финансирање. Средствата за изработка на студиите се од грант, обезбеден од KfW Банка.

Третата сончева електрана од 100 MW ќе биде изградена исто така во рудникот Суводол, додека четвртата од 100 MW ќе биде лоцирана во рудникот Брод-Гнеотино.

Во тек се подготовки за изградба и на гасна електрана во РЕК Битола, со почетна инсталирана моќност од 250 MW, која ќе обезбедува и електрична енергија, но и топлинска енергија за Топловодот за Новаци, Могила и Битола, кој во моментот се гради.

Сите наведени проекти ја претставуваат енергетската транзиција на РЕК Битола и се инвестиции кои во следната декада треба да го заменат производството на електрична енергија од јаглен, паралелно прекфалификувајќи ги и вработените за работа во нови типови на производни капацитети.