КОМПАНИИТЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА ИЗГРАДБА НА ЧЕБРЕН ВО ПОСЕТА НА ЛОКАЦИЈАТА НА ЦРНА РЕКА, КОНЕЧНИ ПОНУДИ НАСКОРО

Заинтересираните понудувачи за изградба на хидроелектраната Чебрен ја посетија локацијата на Црна Река во Мариово каде, според проектот, треба да се гради електраната. Посетата беше организирана од страна на меѓуресорската владина Комисија за спроведување на постапката и од АД ЕСМ.

На терен беа претставници на компаниите кои се квалификуваа во првата фаза. Притоа, имаа можност да извршат извидување на околината,  дополнителни мерења и земање примероци од геолошки материјал. Локацијата исто така е слободна за посета од страна на квалификуваните понудувачи, за потребите на проценки и подготовки во пресрет на доставувањето на конечните понуди.

Со понудувачите беше одржан и состанок со Комисијата, во согласност со тендерската документација и процедурата за избор на најповолен понудувач.

Во најскоро време се очекуваат понудите на деветте компании кои ја поминаа првата фаза на квалификација, а до крајот на септември 2022г се очекува да се избере компанијата која ќе биде дел од Јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ за изградба на хидроелектраната Чебрен.

ВИДЕО: ЛОКАЦИЈАТА КАДЕ ШТО ЌЕ СЕ ГРАДИ ХИДРОЕЛЕКТРАНАТА ЧЕБРЕН