65 ГОДИНИ ОД ПРВАТА ГОЛЕМА ХИДРОЕЛЕКТРАНА-ВРУТОК, ОСНОВА НА СОВРЕМЕНОТО ЕЛЕКТРОСТОПАНСТВО

АД ЕСМ одбележа 65 години од почеток со работа на најстариот производен капацитет во рамките на АД ЕСM, хидроелектраната Вруток, пуштена во работа во 1957 година. ХЕЦ Вруток и целиот хидросистем Маврово е почнат со градба во 1947/48 година и во неговата изградба, преку работни акции, учествувале околу 50.000 луѓе. ХЕС Маврово го сочинуваат три хидроелектрани, акумулација, и канали и цевководи во должина од 130 километри преку кои се собира водата од планининските масиви на Кораб и Шар Планина и се влева во Мавровското Езеро.
 
 
На одбележувањето на настанот во ХЕЦ Вруток, во присуство на висока владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски истакна дека на денешните генерации кои наследиле вакви исклучителни архитектонски и енергетски капацитети, им останува обврската за нивно одржување и чување.
 
,,АД ЕСМ континуирано вложува во одржување на хидроелектраните. Во постапка сме на обезбедување на средства за Третата фаза на ревитализација на големите хидроелектрани, што ќе чини 36 милиони евра. Ќе бидат ревитализирани големите хидроелектрани во Република Северна Македонија во сопственост на АД ЕСМ, и тоа: Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје, Глобочица, Козјак и Св.Петка. Овие капацитети обезбедуваат 20% од вкупното производство на електрична енергија во државата. “-рече директорот Ковачевски.
 
 
Директорот на ХЕС Маврово, Ѓорѓи Божиноски, нагласи дека работата на хидроелектраните пред се зависи од природата, односно дождовите и дотеците, како и од начинот на работа и менаџирање на задачите.
 
,,Свесни сме за потребите на системот, за енергетската криза и за неповолната хидрологија, вложуваме големи напори да го исполниме нашиот дел, бидувајќи во исто време свесни и за големиот дел од товарот што го носат нашите поголеми колеги, односно термоелектраните и тешките услови при нивната работа.” – рече директорот Божиновски.
 
На настанот се обрати и поранешниот раководител на градежната служба на ХЕЦ Вруток, пензиониран инженер Јово Чалоски, кој во име на сите пензионирани вработени ги поздрави присутните и посака што поскора изградба на нови хидроелектрани.
Со едноминутно молчење, на собирот беше оддадена почит на загинатите 52 работници кои во 1956г ги изгубиле животите во снежни лавини во текот на изградбата на хидросистемот Маврово.