АД ЕСМ НА ВТОРИОТ ДЕН НА СКОПСКИОТ ЕКОНОМСКИ ФИНАНСИСКИ ФОРУМ (СЕФФ): ДЕБАТИ ЗА ЕНЕРГИЈАТА, ЗЕЛЕНАТА ТРАНЗИЦИЈА И ДВИГАТЕЛИТЕ НА РАСТ ПО КРИЗАТА
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, директорите за инвестиции и финансии Благој Гајдарџиски и Добрила Стефаноска учествуваат на вториот ден на Скопскиот економско финансиски форум СЕФФ. Меѓународната конференција продолжува денеска со дебати во рамки на темите „Енергија и зелена транзиција“, „Инфраструктура, поврзаност и трговија“, „Финансиски иновации и инвестиции во услови на неизвесност“, „Нови предизвици за добро владеење“ и „Човечкиот капитал во 21 век“.
Форумот, според агендата, започна со обраќања на шефот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Собранието Талат Џафери, меѓу учесниците на панелите се претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Одил Рено-Басо и потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕБОР) Лилјана Павлова. На одделни панели се предвидени учества и на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и на министрите – за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, за транспорт и врски Благој Бочварски, за образование и наука Јетон Шаќири и за здравство Беким Сали, на директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, како и на повеќе амбасадори.
На панелите на форумот, вчера, се дебатираше за тоа како да се одговори на макроекономските предизвици во турбулентни времиња, а во насока на одржување на економскиот раст, при што беше порачано дека на кус рок се потребни таргетирани мерки за поддршка на ранливите категории граѓани и фирмите кои се директно засегнати од кризата и одржување на стабилноста. На среден и долг рок, пак, се разговараше за поттикнување на конкурентноста и растот низ фокусот на структурните реформи: зелена транзиција, енергетска ефикасност, дигитализација, вложувaње во човечки капитал и поврзување со земјите во регионот.
СЕФФ е иницијатива на Министерството за финансии, чија цел е да овозможи дебата за јавните политики на теми релевантни за Република Северна Македонија и за Југоисточна Европа, преку годишни конференции, повремени семинари и портал за анализи и коментари.