АД ЕСМ го збогатува своето портфолио на обновливи извори со две нови фотонапонски електрани
АД ЕСМ во согласност со својата стратешка цел за развој на обновливи извори на енергија, започна со активности за реализација на два значајни проекти – ФЕ Битола 1 со инсталирана моќност од 20 MW и ФЕЦ Осломеј 2 со моќност од 10 МW. Со цел информирање на јавноста и активно вклучување на сите заинтересирани страни во процесот на реализација, Компанијата организираше јавна презентација на двата проекти во соработка со консултантите, општините Новаци и Кичево, како и со изработувачите на документација за заштита на животната средина. Во рамките на двата настани, беа презентирани клучни аспекти на проектите, а главната цел беше да се олесни и унапреди процесот на донесување одлуки, да се обезбеди навремено вклучување на сите засегнати страни и да се овозможи платформа за изразување на мислења и потенцијални ризици кои би можеле да влијаат на понатамошната нивна реализација.
Проектот за ФЕЦ Осломеј 2 го презентираше заменик генералниот директор на АД ЕСМ, Реџеп Асани.
-Во функција на енергетската трансформација која е една од стратешките цели на Владата и на АД ЕСМ за производство на зелена енергија, го презентираме значењето на проектот за изградба на Фотоволтаичната централа Осломеј 2, со годишно производство од 16 GWh електрична енергија. Со неговата реализација, ќе се уредат и рекултивираат околу 20 хектари земјиште во кругот на исцрпениот рудник за јаглен во РЕК Осломеј, а преку зголемување на учеството на обновливите извори во производството на електрична енергија би се компензирале годишни емисии на јаглерод диоксид што директно ќе влијае кон поздрава животна средина за Кичево, Осломеј и околината – истакна Асани.
Во Општина Новаци, проектот за ФЕ Битола 1 го претстави Александар Стефановски од Секторот за развој и инвестиции на АД ЕСМ. Просечното годишно производство на електрична енергија од овој капацитет ќе изнесува околу 30 GWh електрична енергија, а ќе се изгради во кругот на РЕК Битола.
Овој процес има цел да ја зголеми транспарентноста на компанијата и да го обезбеди учеството на сите важни субјекти и засегнати страни во развојот на инфраструктурни проекти што ќе се реализираат во наредниот период. Со имплементација на двата проекти, чија реализација доби на динамика благодарение на одличната соработка помеѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, АД ЕСМ и ЕБОР, се зголемува портфолиото на обновливи извори на енергија во сопственост на државата што ќе претставува значаен чекор кон исполнување на стратешките определби и обврски, на патот кон зелената енергетска транзиција. АД ЕСМ пред неколку дена ја објави постапката за избор на изведувач за проектирање, набавка и изградба на двата капацитети, додека набавката и евалуацијата на понудите ќе се спроведува согласно правилата и условите на Европската Банка за обнова и развој.