Официјална посета на термоелектраната Тушумице во Чешка

Во рамки на официјалната посета на Чешка, македонската делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска , заедно со дел од менаџментот на АД ЕСМ , ја посети термоелектраната Тушимице. Посетата беше организирана со цел да се разгледаат напредните технологии кои се применуваат во процесот на експлоатација, обработка и согорување на јагленот, како и да се истражат можностите за соработка меѓу двете земји во енергетскиот сектор.

Термоелектраната Тушимице е една од најмодернизираните во Европа, позната по своите напредни системи за согорување и редукција на емисиите. По обемната реконструкција завршена во 2010 година, таа значително ја подобри својата ефикасност и го намали влијанието врз животната средина. Специфично за оваа електрана е употребата на напредни методи за филтрација на издувните гасови, како и новите технологии за обработка на лигнит, што резултира со оптимизирано согорување и намалени загуби во производниот процес.

Според Божиновска, ТЕ Тушимице е пример за тоа како инвестициите во модернизација можат да ја зголемат ефикасноста и да го намалат влијанието врз животната средина. Овие искуства се од непроценливо значење за нашиот енергетски сектор, бидејќи Македонија, исто така, се потпира на термоелектрани во своето производство на електрична енергија.

Во рамки на посетата, македонската делегација се сретна со менаџментот на термоелектраната, каде што се дискутираше за можностите за размена на експертиза и технички решенија.

Директорот за финансии на АД ЕСМ, Иван Аџија Стојановски нагласи: “Посетата ни    овозможи да согледаме како еден добро структуриран процес на модернизација може да ги подобри перформансите на електраната, нешто што би било од голем интерес и вредно за разгледување околу примената и во нашите енергетски капацитети.”

Директорот за развој и инвестиции на АД ЕСМ, Владимир Пејоски додаде: “Технологиите што ги видовме овде отвораат нови перспективи за подобрување на ефикасноста и одржливоста на нашите производни капацитети. Ова се искуства што сметам дека е возможно да се интегрираат во дел од нашите развојни планови”.

Посетата беше организирана од Министерството за индустрија и трговија на Чешка, а делегацијата оствари средби и со преставниците на Чешката асоцијација за рударство.