Интервју на д-р Драган Миновски за мерки против загадувањето
Интервју за утринска програма на Сител (за мерки против загадувањето)
- ШТО КОНКРЕТНО ЌЕ ПРЕЗЕМЕТЕ?
Јас веднаш сакам да кажам дека нашата заложба е производството на електрична енергија да биде согласно еколошките стандарди. Но, никој не треба да верува дека тоа ќе се случи преку ноќ, тоа отворено го кажувам овде пред сите. За сето ова треба време и јас ветувам дека одиме во тој правец и слушнавте дека првите чекори се веќе направени, се прават и други и уште и ќе следуваат. Но, РЕК „Битола“ ние не можеме да го затвориме. Тоа што можеме е да вложиме напори и согласно Законот, електричната енергија да ја произведуваме со што помало штетно влијание врз околината.
Конкретно-за мерките за кои прашувате.
- Ќе се обидеме за 6 месеци да го решиме проблемот со отпепелувањето. Тоа може да се реши на следниот начин-што поголемо количество пепел која останува по согорувањето на јагленот, да биде преземено од Цементарница УСЈЕ-Скопје која тие ја користат за производство на цемент. Ние се состанавме со директорот на УСЈЕ и тие ветија дека ќе направат напори да откупуваат повеќе пепел од РЕК „Битола“ и за нивните други фабрики надвор од Македонија , наместо за нив да снабдуваат од друго место. Понатаму, УСЈЕ ќе ја откупува и тешката пепел, не само лебдечката, како што е сега случај. Тешката пепел ќе се користи за производство на асфалт ние сега ќе им дадеме два тона за тие да ја тестираат во нивната лабораторија за оваа намена.
- Ќе поставиме електростатски филтри на оџаците кои ќе ги запрат штетните гасови да не одат во атмосферата. Овде се поставени одредени филтри пред 20 години но тие се веќе застарени и веќе не задржуваат ништо.
- Понатаму, една од мерките за во следниот период е десулфуризација. Но, за тоа ќе треба повеќе време, и е зафат за кој ќе бидат потребни повеќе пари и ќе треба да биде планирано во буџетот.
- Понатаму, размислуваме да почнеме да воведуваме природен гас, наместо мазут, за засилување на калоричната вредност на јагленот, бидејќи мазутот загадува, гасот не, како што знаеме. За тоа исто така требаат технички зафати внатре во капацитетите.
Исто така,ќе се пошумува, ама навистина ќе се пошумува.. ќе се обидеме да пошумуваме почесто, и со садници кои се препорачуваат за вакво тло, кои прочистуваат, и со брзо растечки дрвја кои би направиле еден зелен појас меѓу другото како еден вид тампон-зона кон населените места.
Други мерки..
Има и други мерки, исто така можеме да ги споменеме, а не се директно поврзани со производството..
- Во план ни е да купиме еколошки автобуси за превезување на вработените. Автобусите се толку стари што некои на шега коментираат, ама има и вистина во тоа, дека загадуваат во сообраќајот повеќе од РЕК. Мојата лична намера е да купиме електрични возила, и со тоа да ја покажеме и нашата определба за нови чисти извори на енергија.
- Ќе ги разгледаме предлозите на еколошките здруженија да субвенционираме или да дадеме попуст за одредени услуги за жителите на Битолскиот Регион, како еден вид надоместок за штетата која ја трпат или ја претрпеле живеејќи под одредено загадување од овој произведувач.
2. ЗА КОЛКУ ВРЕМЕ МОЖАТ ГРАЃАНИТЕ ДА ОЧЕКУВААТ СПРОВЕДУВАЊЕ НА ОВИЕ МЕРКИ, ИЛИ ЗА КОЛКУ ВРЕМЕ ЌЕ ИМА ЕФЕКТ?
Ова прашање за нас е приоритет. Нашата намера е и старите и новите проблеми (ако се појавуваат такви)-да ги решиме, Да не ставаме ништо под тепих, да не криеме ништо, туку да бидеме отворени кон јавноста и заеднички да обезбедиме здрава околина, но заеднички да обезбедиме и услови за Комбинатот да работи. Ние без тоа не можеме,РЕК „Битола“ е најголем производител на електрична енергија во земјава, Македонија енергетски ЗАВИСИ од РЕК „Битола“.
РЕК не е единствен загадувач во Битола, тоа го покажуваат анализите, но веројатно е најголем. Ние имаме намера да ги преземеме сите мерки,сите, за да го намалиме загадувањето на минимум.
Но, тоа што треба да се знае дека ние не можеме сите мерки да ги спроведеме во целост за една или две години. Ако тоа се случи, ако се одеднаш спроведеме, за тоа ќе треба РЕК „Битола“ или да го запреме да не работи па зафатите што се потребни да ги извршиме одеднаш, но треба јавноста да знае дека во тој случај цената на струјата ќе оди нагоре. Ако РЕК „Битола“ не работи и не произведуваме, тоа значи дека ќе треба да ја купуваме по повисока цена итн. Затоа, сите мерки ќе се спроведуваат постапно, со однапред подготвен временски план, чекор по чекор, за да одржиме баланс, и да почнеме да ги заштитуваме луѓето и околината и да се произведува електрична енергија