ЕЛЕМ ќе ги поддржи младите пронаоѓачи од тимот „Свифт“
АД ЕЛЕМ ќе ги поддржи младите иноватори од тимот „Свифт“ кои победија на натпреварот на НАСА во Македонија со изумот „сензор за мерење на сончева енергија“ и нивниот изум ќе го употреби во своите развојни проекти, најави генералниот директор и претседател на УО на АД ЕЛЕМ д-р Драган Миновски.
-Верувам дека јавноста е запознаена со изумот на петмината наши студенти со којшто победија на натпреварот на НАСА во Македонија, а, станува збор за софистициран пронајдок односно сензор за мерење на сончевата енергија. Овие млади луѓе, како најдобри од Македонија, влегоа во светското финале на овој глобален натпревар, и добија посебна покана со цел да го претстават својот инвентивен изум во НАСА, кадешто е планирано да патуваат следниот месец – изјави Миновски.
Имено, како што рече Миновски, АД ЕЛЕМ почна подготовки за изградба на 10 мегаватна фотоволтаична електрана што е предвидено да произведува електрична енергија од сонце. Нивниот изум ќе биде искористен за да се утврди прецизно која локација ќе биде најпогодна за поставување на фотоволтаиците. Покрај за електраната, овој прототип може да се искористи и во рамките на проектот на Владата ,,Македонско сонце за македонска енергија“ за субвенционирање домаќинства за фотонапонски електрани, во кој АД ЕЛЕМ планира да биде активно вклучен.
– Ние со одлука на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ ќе ги поддржиме младите пронаоѓачи, изумители, со одредена финансиска сума што ќе биде спонзорство од компанијата, а ќе биде една првична сатисфакција за нив, за да можат да работат понатаму на подобрување и на усовршување на својот изум во периодот додека тој се користи од наша страна. Тоа би се однесувало на следниве активности: ќе ја следат неговата ефикасност, ќе бидат вклучени во теренските активности, исто така, ќе ја следат неговата соодветна примена, а тоа ќе се одвива паралелно со нивните студии, затоа што сите тие се на почеток на своето високо образование – најави Миновски, генерален директор на АД ЕЛЕМ
Како што нагласи д-р Миновски, младите иноватори, веќе постигнаа успех во светски рамки и АД ЕЛЕМ, како државна компанија ќе сториме сè што можеме да ги поддржиме да работат понатаму, да создаваат, да креираат и од тоа да имаат корист и за себе, но и за нашата земја.
– Тоа е начинот како да се задржат младите да останат во татковината. Мора прво да ги препознаеме ваквите таленти и како држава да им подадеме рака, односно да помогнеме на каков било начин. Прво државата, а потоа и приватниот сектор, фирмите, стопанствениците и други. Ова треба да е наша заедничка инвестиција, бидејќи ова е инвестиција во иднината на нашата земја – подвлече Миновски.
Младите пронаоѓачи од тимот „Свифт“ учествуваа на натпреварот NASA Space Up Challenge во организација на Њуменс бизнис акцелератори и иако беа средношколци и најмладиот тим успеаа да победат. Од април годинава работат на усовршувањето на прототипот кој подоцна, како што велат, планираат да прерасне во продукт што првично ќе се продава на македонскиот пазар, а подоцна и на европскиот и американскиот.
– Функционалноста на продуктот е во помошта која ја пружа на идните инвеститори во фотволтаици да проверат дали инвестицијата би им се исплатела и за колкав временски период ќе ја вратат назад. Може да придонесе и за цели држави доколу владите покажат интерес за соработка за субвенционирање на извори на обновлива енергија, како и да најдат најсоодветни региони за изградба на фотоволтаични централи, рече иноваторот Александар Момироски, бруцош на Машинскиот факултет во Скопје.
Дамјан Постоловски, бруцош на ФИНКИ посочи дека различни локации имаат различни потенцијали на енергија.
– Нашиот продукт дава одговор колку енергија би се добила во кој период од денот или, пак, годината на дадената локација и може да служи како алатка при планирање на проекти од таков тип. Уредот е самоодржлив и се напојува со сончева енергија, рече Постоловски. Резултатите од пресметките и мерењата, додаде, се достапни до корисникот во реално време 24 часа во вид на веб-апликација или мобилна апликација. Може да го користат и домаќинствата кои планираат да вградат фотоволтаици.
Во тимот „Свифт“ се и Павел Ѓорговски и Јаков Докузов кои се бруцоши на ФИНКИ, како и Борче Ангелoв кој студира во Германија.
Стефан Савевски, менаџер за корпоративни операции во Њуменс бизнис акцелератори информира дека студентите при посетата на Соединетите Американски Држави наредниот месец, ќе имаат повеќе средби со претставници на НАСА, како и со компании и субјекти, потенцијални инвеститори пред кои ќе го презентираат својот пронајдок.