Почна изработката на студија за проектот „Вардарска Долина”
АД „Електрани на Македонија“ склучи Договор со швајцарската консултантска компанија АФ Консалт во износ од 88.626 евра за изработка на нацрт на фисибилити студија за енергетскиот проект „Вардарска Долина“. Основна задача на оваа студија е да се определат можните варијанти за оптимално хидроенергетско ползување на водниот потенцијал на реката Вардар. При усвојувањето на решението за изградба на хидросистемот „Вардарска Долина“, истовремено ќе се оптимизираат и целосно ќе се ажурираат податоците што се однесуваат на конфигурацијата на целиот систем, потоа, параметрите за објектите кои го сочинуваат проектот, но и варијантите за управување со системот . Во првата фаза на студијата ќе се анализира и ќе се потврди изводливоста на системот од економски , функционален, енергетски, социолошки и еколошки аспект.
Проектот предвидува изградба на 12 хидроелектрани по течението на Вардар, од Скопје до границата со Грција, во должина од 200 километри. Од нив најголеми се: ХЕЦ Велес со производство од 300 милиони киловат часови годишно и ХЕ Градец со 257 милиони kWh. Останатите, помали хидроелектрани се каскадно распоредени по течението на реката, со предвидено производство од 60 до 130 милиони kWh, во зависност од локацијата и протокот на вода. Реализацијата на овој проект ќе донесе значајни придобивки во однос на зголемување на домашното производство на електрична енергија, зголемување на уделот на обновливи извори на енергија, намалување на емисиите на јаглерод диоксид, потоа намалување на употребата на фосилни горива, и значително подобрување на системот за заштита од поплави по течението на Вардар со регулација на речното корито.
Студијата ќе ја изработува стручeн тим на АФ Kонсалт во наредните девет месеци, по што ќе бидат утврдени идните правци и активности за понатамошна реализација на проектот. АФ Консалт со седиште во Баден, Швајцарија е основана во 1895 година и една од најпознатите светски компании како дел од големата АФ групација со седиште во Стокхолм, Шведска, кои нудат консултантски услуги од областа на енергетиката, индустријата, инфраструктурата и технологиите за животна средина. Нејзиното портфолио обезбедува услуги за проекти од областа на термоенергијата, хидроенергијата, нуклеарната енергија, развојот на мали хидроелектрани, биомаса, соларна и ветерна енергија и други видови енергија. Важи за една од најголемите консултантски компании и во моментов работи на повеќе од 1500 проекти во енергетскиот сектор, во преку 80 земjи. Компанијата има над 7000 вработени, а со свои канцеларии работи во повеќе од 25 држави.