ЕЛЕМ нема да дозволи нарушување на биодиверзитетот – проектите Бошков Мост и Луково Поле се реализираат според најстроги еколошки стандарди
АД „Електрани на Македонија“ од почетокот на подготвителните работи за реализација на проектите ХЕ Бошков Мост и ХС Луково Поле најпрофесионално и во согласност со сите постојни меѓународни стандарди и политики на Европската банка за обнова и развој и на Светска банка презеде низа активности за оценка на влијанието на овие енергетски објекти врз животната средина. За таа цел, за Бошков Мост е изработена Студија за оценка на влијанието врз животната средина согласно строгите ЕУ директиви, а во изминативе две години се реализирани и подготвителни активности како дел од зацртаните обврски произлезени од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти.
Сите активности се одвиваат со предвидената динамика во согласност со домашната регулатива и правилата на ЕБОР. Во текот на 2012 и 2013 година завршен е едногодишниот еколошки мониторинг на територијата на идната електрана со кој се предвидени и усвоени дополнителни мерки за заштита и минимизирање на несаканите влијанија од проектот. Извештајот од овој мониторинг на биодиверзитетот и на животната средина заедно со други придружни извештаи е доставен до ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање и за него од ниту една заинтересирана страна не стигнаа забелешки во законски предвидениот рок.
АД ЕЛЕМ во моментов реализира и активности кои исто така се дефинирани во делот на заштитата на биолошката разновидност и одржливо управување со природните ресурси. Во тек е подготовка на акватична анализа на биодиверзитетот и збирен преглед на предложените мерки од одобрената студија за оценка на влијанието на Бошков Мост врз животната средина кои се резултат од спроведениот едногодишен (четири сезонски) мониторинг на биодиверзитетот и животната средина на проектното подрачје. Извештаите од овие активности ќе бидат доставени до сите релевантни институции и засегнати страни. Во согласност со препораките од ЕБОР, како и од препораките произлезени од Акцискиот план за заштита на животната средина и социјалните аспекти, во моментов интензивно се изведуваат активности од страна на повеќе експертски тимови и тоа е во целост усогласено со барањата на засегнатите страни, како што се невладини организации, локалното население, здруженија на граѓани и надлежните институции.
Во однос на „Луково Поле“ во овој момент, во финална фаза влезе изработката на студијата за оценка на влијанието врз животната средина на која работи реномирана светска компанија од Франција и таа се очекува да биде финализирана до почетокот на 2015 година. Врз основа на законската регулатива, потоа следи објавување на студијата, прибирање забелешки од сите засегнати субјекти и одржување јавна расправа. Исто така, студијата ќе биде преведена на грчки и на албански јазик, од причина што Република Грција и Република Албанија го потврдија учеството на јавната расправа. Студијата ќе биде детално образложена земајќи ги предвид сите планирани активности за изградба на зафатите и објектите кои ќе имаат влијание врз животната средина, биодиверзитетот и за нив ќе бидат презентирани предвидените мерки за намалување на влијанието врз животната средина.
Во соработка со Европската банка за обнова и развој, Светска банка и надлежните институции во Република Македонија, АД ЕЛЕМ е силно посветено за реализација на овие значајни енергетски проекти во согласност со сите меѓународни директиви за заштита на животната средина. Компанијата и понатаму останува транспарентна и отворена за соработка со сите институции и засегнати субјекти во однос на прашања поврзани со тековните и идни активности за проектите „Бошков Мост“ и „Луково Поле“.