Голем интерес за еднократен отпис на долгови, ЕЛЕМ го потпиша договорот за учество во проектот
Постои голем интерес кај граѓаните за отпис на долговите. Заклучно со денешниот ден до центрите за социјални работи се доставени 17.600 барања од граѓаните од социјално ранливи категории. Бараат отпис на долгови кон банките, за електрична енергија, парно греење и радио дифузна такса.
– Имаме висок степен на интерес на граѓаните за овој проект и очекуваме до 12 октомври до кога трае пријавувањето да имаме значителен број граѓани кои дополнително ќе достават барања. Тоа значи дека ќе се исполнат очекувањата за масовен одѕив на граѓаните кои спаѓаат во соодветните категории, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на потпишувањето на договорите со доверителите кои се вклучија во мерката за отпис на долговите. Тој потенцира дека станува збор за една масовна акција во која, освен Владата, се вклучија сите банки, ЕЛЕМ, ЕВН Македонија, Топлификација, МРТ, како и Комората на извршители и Комората на нотари, обезбедувајќи учество на сите релевантни субјекти за овј проект да биде успешен и да се реализира како што е планирано.
– Со потпишувањето на овие договори сите субјекти покажаа висок степен на општествена одговорност. Со оваа активност ќе им помогнеме на најранливите категории граѓани и од тој аспект сметам дека треба да им искажеме благодарност, но и да потенцираме дека со ова ќе овозможиме и понатаму да им се помогне на граѓаните во поглед на новите сметки за парно, струја и кон банките да можат со помал напор и поредовно да ги сервисираат и да ги вршат плаќањата, истакна Ставрески. Тој ги повика сите граѓани кои се опфатени со законот да се пријават во центрите за социјална работа и да поднесат барање за отпис на долговите.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека најголем број барања, 2.700, се поднесени во Куманово, потоа следува Тетово со 1.700, Прилеп со 1.300, Гази Баба и Чаир со над 1.000…. Дневно, како што рече, се поднесуваат од 1.500 до 2.500 барања за отпис на долговите во центрите за социјална работа.
Според Дејан Бошковски, генерален директор на ЕЛЕМ, со овој проект ќе се помогне да се заштитат ранливите категории граѓани од опасноста да останат без основните ресурси, а акцијата ќе и помогне и на компанијата за да ги исчисти билансите.
-Во соработка со ЕВН Македонија прифативме отпис на долгови настанати по основа на искористена електрична енергија од заедничките побарувања на двете компании. Втората можност преку која се вклучуваме во оваа операција се однесува на граѓаните што користат топлинска енергија преку подружницата на ЕЛЕМ, Енергетика -изјави Бошковски на денешното потпишување на договорите во Министерството за финансии.
Со оваа мерка се опфатени приматели на социјална помош, невработени лица подолго од 12 месеци и активно бараат работа и лица кои доколку поради смрт или тешка болест во семејството не можеле да ги отплаќаат своите обврски. Се отпишуваат долгови направени заклучно со 31 декември 2013 година, а првите решенија во втората половина од октомври.