Заврши ревитализацијата на хидроелектраните-втора фаза, модернизираната ХЕ Вруток пуштена во производство

Генералниот директор на АД ЕЛЕМ  Дејан Бошковски и министерот за економија Беќир Незири денеска официјално ја пуштија во употреба модернизираната хидроелектрана Вруток. Со пуштањето на најголемиот хидроенергетски објект во Република Македонија во производство и формално е означен крајот на еден од најсложените енергетски зафати некогаш изведени во земјава- реализација на втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните во сопственост на АД„Електрани на Македонија“.

Проектот вреден вкупно 36,6 милиони евра што почна во февруари лани, ќе обезбеди продолжување на животниот век на хидроелектраните и нивните придружни градежни објекти,  како и зголемување на  нивната сигурност и доверливост. Исто така, се зголемува  инсталираната моќност во портфолиото на АД ЕЛЕМ за дополнителни 18,31 МW како и годишното производство на електрична енергија за околу 50 GWh. Ревитализацијата на хидроелектрани-втора фаза почна во февруари лани, а во целиот процес е заменета застарената и истрошена хидро-механичка, машинска и електро опрема.

Во изминатиот 18 месечен период   сите четири агрегати во ХЕ „Вруток“ се целосно ревитализирани и со овој зафат инсталираната моќност на четирите  ревитализирани агрегати е зголемена од 37,5 MW  на 41,4 MW или 4 MW по агрегат.  Придобивките од ревитализацијата на генераторите во ХЕ „Вруток“ се  зголемување на инсталираната моќност на хидроелектраната од 150 MW на околу 166 MW со речиси иста потрошувачка на вода по агрегат, потоа зголемување на ефикасноста на агрегатите, зголемување на доверливоста на системот, како и продолжување на работниот век за наредните 30  години.

Паралелно со пуштањето во работа на четирите генератори од ХЕ Вруток, заменети и пуштени во работа се четирите блок трансформатори. Последниот блок трансформатор е комплетно монтиран и извршени се потребните тестирања и пуштена во погон минатиот месец. И во ХЕ  Равен се заменети трите блок трансформатори со нови 9MVA трансформатори.

Во однос на активностите поврзани со Мавровските хидроелектрани заврши доградувањето на браната Леуново, што овозможи зголемување на акумулацијата на Мавровското Езеро и можност за прифаќање дополнителни  над 32.000.000 кубни метри  вода или 50 гигаватчаса електрична енергија. Завршена е и реконструкцијата на Речкиот и Шарскиот канал, со што  евентуалните загуби на вода од овие објекти се сведени на минимум. Извршена е и санација на Толјанскиот тунел на најкритичните делници. Со овој зафат  значително се зголеми сигурноста на самиот тунел, а истовремено се намалија  загубите на вода низ  објектот.

Во рамките на проектот инсталирана е дополнителна опрема особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата, стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти.  Ревитализирана е инјекционата завеса на браната на ХЕЦ Шпилје, а заврши и монтирањето на новата опрема за мониторинг на браните Маврово, Глобочица, Шпилје, Тиквеш, Козјак и Св.Петка.

-Токму овој огромен зафат е пример дека квалитетното одржување на постојните производни капацитети е еднакво важно, како и изградбата на нови електрани. Новите параметри и перформанси што ги добивме како резултат на ревитализацијата во изминатите 18 месеци се доволен показател за одлично завршена работа. Ние секако продолжуваме со изградба на нови објекти, но истовремено ќе направиме  се’ што можеме, веке постојните капацитети да ги одржиме во солидна кондиција, не само за сегашните, туку и за идните генерации – изјави генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски.

Како што истакна министерот за економија Беќир Незири, станува збор за еден од најголемите проекти од областа на енергетиката во Република Македонија и најави дека Владата секогаш ќе дава поддршка на вакви значајни инвестициски зафати.

Од финансиските средства  за овој проект, 27,1 милиони евра се обезбедени преку заем од германската KfW Банка, додека останатите 9,5  милиони евра се сопствени средства на АД „Електрани на Македонија“.