Стипендии за студентите на ФЕИТ и оваа година
Најдобрите 14. студенти од електроенергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), кои навреме ја завршија првата година, со просек над осум, денеска добија стипендии од енергетските компании АД ЕЛЕМ, АД МЕПСО и ЕВН-Македонија. Месечната стипендија изнесува 6.000 денари. По пет стипендии доделуваат ЕЛЕМ и МЕПСО, а ЕВН Македонија четири. Поддршката за стипендирање на најуспешните студенти на ФЕИТ се спроведува веќе трета година по ред, и е силен стимул на идните студенти за запишување на Факултетот.
– Во последните неколку години општествено-одговорните практики се составен дел од корпоративното портфолио на „Електрани на Македонија“. Сметаме дека помагањето и поддршката на општеството е нераскинлив дел од развојот на целокупната општествена заедница, особено со активности што директно го поттикнуваат унапредувањето на образованието и науката. Во овие клупи и амфитеатри слушаат предавања и се здобиваат со знаење идните двигатели на нашата земја, надежта за прогресивна и за модерна Македонија, – рече генералниот директор на АД ЕЛЕМ, г. Дејан Бошковски.
Според деканот на ФЕИТ, Миле Станкоски, енергетските компании со стипендирањето го регрутираат најдобриот кадар од факултетот и придонесувaат за поддршка на образовниот процес. Тој информираше дека заложбите и кампањата на факултетот и на Владата за студирање на техничките факултети, тројно го зголемиле бројот на студенти на електроенергетските насоки.
– Ако во 2010 година почнавме со 50, па следната имавме 67, годината по почнувањето со стипендии имавме 115, за да минатата година имаме дури 161 студент. Значи, тројно го зголемивме бројот на студентите, а очекуваме трендот да продолжи и оваа година и да запишеме над 200 студенти на енергетските насоки. На почетокот на акцијата немавме доволно студенти од овие насокишто го исполнува условот да имаат просек над 8, а сега имаме преголема конкуренција за стипендиите, – рече Станкоски на доделувањето на стипендиите.