Мавровски систем

Мавровскиот хидроенергетски систем со трите електрани: ХЕЦ Вруток, ХЕЦ Равен, ХЕЦ Врбен и со вкупна акумулација од 275.000.000 m3 вода e еден од најголемите и најсложените во македонскиот електроенергетски систем.

Првата фаза од изградбата на Системот почнала во 1947 година, а завршила по 13 години, во 1960 година. Во 1952 година започнало да се полни најголемото вештачко езеро во Македонија, Мавровското. Водите што се влеваат во езерото се собираат од површина од над 500 километри квадратни од планининските масиви на Кораб и Шар Планина. Водата се пренесува со канали и цевководи долги над 130 километри. Со изградбата на доводните структури се изградени и пристапни патишта од 167 километри за одржување на системот. За да се обезбедат поголеми количества електрична енергија, почнала изградбата на втората фаза на системот наречен Маврово 2. Во овој период е изграден системот од канали „Шарски води“, чија изградба почнала во 1969, а завршила во 1977 година.

За официјален ден на почеток на работата на ХЕС „Маврово“ се смета 27 мај 1957 година, кога на голем народен собир во селото Вруток во употреба го пуштил тогашниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз – Тито.

Во 2014 година беше завршен еден од најсложените енергетски зафати изведени во земјава – реализација на втората фаза од ревитализацијата на хидроелектраните во сопственост на АД ЕЛЕМ. Проектот вреден 37.612.123.13 ЕУР овозможи продолжување на животниот век на хидроелектраните и нивните придружни градежни објекти, како и зголемување на нивната сигурност.

Придобивките од ревитализацијата на Мавровскиот систем се:

  • зголемувањето на капацитетот на акумулацијата Маврово за 32,55 милиони m3 вода со дополнителен капацитет на акумулацијата од 20 милиони m3 вода/годишно,
  • зголемување на инсталираната моќност за дополнителни 18,58 MW или вкупна инсталирана моќност од 200 MW, како и зголемување на годишното производство на електрична енергија од 40 GWh/годишно или пораст на вкупното производство до 430 GWh за трите електрани.

Зголеменото производство на електрична енергија за 40 GWh годишно значи намалена емисија од 36,4 илјади тони CO2.

ХЕ ВРУТОК
ХЕ Вруток е акумулациона хидроелектрична ценграла со инсталирана  моќност од 41,4 MW по агрегат, или вкупно 165,6 MW. Просечното годишно производство на електрична енергија е 350 GWh, а просечниот годишен доток е 278.000.000 м3 вода.

ХЕ РАВЕН
ХЕ Равен е проточна хидроелектрична централа со инсталирана моќност од 7 MW по агрегат, или вкупно 21 MW. Просечното годишно производство на електрична енергија е 42 GWh.

ХЕ ВРБЕН
ХЕ Врбен е проточна електрана со инсталирана моќност од 6,4 MW по агрегат, или вкупно 12,8 MW. Просечното годишно производство на електрична енергија е 38 GWh, а  просечниот годишен доток е 107.222.000 м3 вода.