Вардарска Долина
Идејата односно просторот што го опфаќа Вардарската Долина долги години е во центарот на интерес во енергетска смисла, а особено во последните две децении. Интересот се зголемува во зависност од геополитичката и економската состојба на нашата земја, како и од различните интереси за развиток на регионот во рамките на развојните планови на регионално ниво, како и од специфичните стопански интереси.
Комплексното уредување на просторот околу Вардарска Долина ќе ги опфати следниве сегменти:
- изградба на објекти за енергетско искористување;
- изградба на системи за развој на земјоделството и
- изградба на системи за развој на туризмот, спортот и рекреацијата.
Проектот „Вардарска Долина“ предвидува енергетско искористување на течението на Вардар со сите најзначајни притоки. По течението на р. Вардар односно на потегот од Скопје до границата со Грција, во должина од 200 km, планирана е изградба на 12 хидроелектрични централи, на различни локации. Од предвидените електрани како поголеми се ХЕ Велес со предвидено производство од 300 GWh и ХЕ Градец со предвидено производство од 257 милиони kWh. Останатите помали хидроелектрани се каскадно распоредени по течението на реката, со предвидено производство од 60 до 130 милиони kWh, во зависност од локацијата и протокот на вода.
Основни придобивки од изградбата на хидроелектрични централи на реката Вардар ќе бидат следниве:
- промена на структурата на производството на електрична енергија преку зголемување на уделот на хидроенергија или енергија добиена од обновливи извори;
- минимизирање на влијанието врз животната средина преку користење на водата како обновлив и ефикасен енергетски извор;
- намалување на енергетската зависност на државата преку изградба на хидроелектрични централи како домашен енергетски извор;
- подобрување на заштитата од поплави преку регулација на водното корито;
- спречување на намалувањето на нивото на подводните води во целата област ипромовирање на националниот развој преку искористување на водениот потенцијал како ефикасен извор за производство на електрична енергија.