Три милиони денари, наместо за рекламен материјал, АД ЕСМ ги донира во модуларните болници во Битола и Кичево
Со оглед на моменталната ситуација со ковид пандемијата и тешкотиите и предизвиците на кои е изложен здравствениот систем, АД ЕСМ одлучи во овој период да помогне на дел од нашите болници. Управниот одбор на АД ЕСМ одлучи оваа година да не се подготвува и набавува новогодишен рекламен материјал, туку тие средства да се пренасочат во помош за Клиничката болница во Битола и Општата болницата во Кичево
,,Конкретно, во АД ЕСМ имавме предвидено 3 милиони денари за рекламен материјал на ниво на целата компанија, и тие средства сега ќе бидат донирани за обезбедување централен довод на кислород во модуларните болници за ковид пациенти кои се градат во Битола и во Кичево.
Во битолската болница комплексот ќе биде поголем, и таму се насочуваат 2.400.000 денари, а во кичевската болница потребата е 600 илјади денари. Како АД ЕСМ проценивме дека во моментов здравството е тоа каде е најнеопходно да се помогне, и ја користам приликата да апелирам сите општествено одговорни компании да го направат истото согласно можностите, затоа што сите ние во одреден момент имаме потреба од медицинска нега. А,особено сега, кога секој еден граѓанин е загрозен” – изјави директорот на АД ЕСМ, м-р Васко Ковачевски на потпишувањето на договорите за донација.
Директорката на Клиничката болница во Битола, д-р Билјана Гагачовска, нагласи дека помошта е добредојдена и претставува значаен поттик за сите државни и приватни компании за помош на здравството во овој период кој е тежок за сите. Исто така, директорката Гагачовска потенцираше дека битолската болница ја има целосната поддршка од Владата, Министерството за здравство и од општина Битола.
Директорот на Општата болница во Кичево, д-р Станко Трпески, изјави дека помошта доаѓа во вистински момент, со оглед на тоа што модуларната болница во Кичево веќе се поставува и дека ова е првпат да имаат централен довод на кислород во рамките на болницата.