Соопштение за јавност за одржана аукција за ископ на јаглен и јаловина
На електронската негативна ценовна аукција за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола, одржана на 25.08. 2017г., на која како услов, покрај другите технички услови, беше да се понуди најниска цена на услугата, постигната е цена, екстремно ниска во однос на сите досега одржани аукции и непосредни договори за овој вид на услуга (цени во минатото и до 144 денари/GJ), односно цена од 44 денари за GJ(гига џул). Оваа цена беше добиена по двочасовно континуирано намалување на првичната цена понудена од учесниците, која се движеше во рамки на 100 денари за GJ. Во претквалификацијата учествуваа 6 фирми, од кои 5 продолжија во понатамошната постапка. Последната и најниска понуда од 44 денари ја даде фирмата ,,ТРАНС МЕТ ДОО,, Скопје.
Во однос на интересот на јавноста за фактот дека на аукцијата учествувала и на поддавањето најприфатлива цена дала фирмата ,,ТРАНС МЕТ ДОО,, Скопје, чиј претходен управител е под кривичен прогон токму за тендер за РЕК Битола, сакаме да нагласиме дека АД ЕЛЕМ нема можност да го исклучи од понатамошно учество тоа правно лице, иако структурата на сопственост е променета. АД ЕЛЕМ побара од наведеното лице и доказ дека неговата сметка не е блокирана, по што писмено беше известен дека сметката на компанијата не е блокирана, што на истата и дава законска можност да учествува на било кој државен тендер.
Во законски предвидениот рок АД ЕЛЕМ ќе изврши проверка на целата постапка и во текот на следната недела ќе ја соопшти конечната одлука за тоа која фирма го доби тендерот за ископ на јаглен и јаловина. Доколку по извршената проверка од страна на АД ЕЛЕМ се утврди дека аукцијата и целата постапка биле изведени регуларно и дека останува постигнатата цена од 44 денари за GJ, тоа ќе биде најниска досега постигната цена за ископ на јаглен за РЕК Битола, со оглед на тоа што за истата услуга во изминатите години биле плаќани и до 144 денари за GJ.
Со сега постигнатата цена, предвидената услуга – ископ на јаглен и јаловина, од страна на правното лице би требало да биде извршена за приближно 6 милиони евра. За истата, претходното раководство на АД ЕЛЕМ имаше предвидено буџет од 13 милиони евра, што значи дека, доколку конечната одлука го потврди овој избор, ќе бидат заштедени 7 милиони евра.
Ако и во изминатите години биле постигнувани вакви ниски цени на аукциите или на непосредните договори, а не цени кои биле и двојно и тројно повисоки од сегашната, немало да бидат потрошени стотици и стотици милиони евра за истата услуга – ископ на јаглен и јаловина. АД ЕЛЕМ укажува, а воедно и апелира до сите други компании кои учествуваа во аукцијата, дека имаат законско право да достават жалби за процесот во рок од 5 дена, доколку се сомневаат во исправноста на истиот.