АД ЕЛЕМ ќе бара пониска цена за произведената електрична енергија
АД Електрани на Македонија од Регулаторната комисија за енергетика ќе побара определување на максималниот регулиран приход и намалување на цената на електричната енергија за 1,5 насто, најави д-р Драган Миновски, претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ,за време на денешната работна посета на најголемиот производител на електрична енергија во државата РЕК Битола.
Во минатиов период АД ЕЛЕМ работеше одлично и постигна позитивни финансиски резултати. Домаќинското работење и намалените трошоци, одговорното работење на менаџментот и оптималното искористување на производните капацитети, продажбата на вишоци на електрична енергија и други успеси, ни овозможија АД ЕЛЕМ да побара од Регулаторната комисија намалување на цената на електричната енергија за 1,5 проценти за 2018 година. Верувам, рече Миновски, дека со оваа одлука ќе не’ следат и другите енергетски компании и дека ќе има позитивни ефекти за сите граѓани на Република Македонија.
АД ЕЛЕМ подготвено ќе ја дочека новата грејна сезона затоа што навреме почна со ремонт на трите блока во РЕК „Битола“. Во моментов се одвиваат ремонтни активности на Блокот 1, а потоа ќе следуваат и ремонтните активности на блоковите 2 и 3 се со цел подготвени да ја дочекаме грејната сезона. Во моментов на депонијата за јаглен имаме околу 280.000 тони подготвен откопан јаглен, со што се гарантира зголемено производство на електрична енергија, но исто така и безбедна и сигурна работа, како на РЕК „Битола“, така и на електроенергетскиот систем на Република Македонија -потенцира Миновски.
На прес конференцијата во РЕК-Битола, директор на оваа подружница на АД ЕЛЕМ Васко Ковачевски, истакна дека за ремонтните активности на трите блока ќе бидат вложени околу 10 милиони евра.
– Ремонтните активности на Блокот 1 во РЕК „Битола“ почнаа на 10 мај и очекуваме до средината на октомври да завршат сите ремонти, вклучувајќи ги и Блок 2 и Блок 3. Со новиот начин на менаџирање и принципите што ги воспоставивме значително ги намаливме трошоците во РЕК „Битола“. За комплетниот ремонт на блоковите планираме да инвестираме над 600 милиони денари или околу 10 милиони евра, рече Ковачевски.
Генералниот директор на АД ЕЛЕМ и директорот на РЕК „Битола“ на Стојан Ристевски вработен во 1979 и на Љупчо Василевски, вработен во 1980, двајцата најстари и со најголем стаж вработени во фирмата, им врачија пригоден подарок.