АД ЕЛЕМ ја заокружи меѓународната постапка за ПВЕ Богданци, електрична енергија од ветерниот парк се очекува во втората половина од 2013 година
АД „Електрани на Македонија“ и Siemens Wind од Данска во конзорциум со грчки Siemens AS потпишаа договор за испорака, транспорт, монтажа, пуштање во работа и одржување на шеснаесет турбини на ветер за Паркот на ветерни електрани „Богданци“. Со оваа активност е заокружена меѓународната тендерска постапка за изградба и пуштање во работа на првата електрана од ваков вид во Република Македонија.
Турбините се меѓу најдобрите во својата класа. Инсталираната моќност на секоја од нив е 2.3 MW, висината на столбот изнесува 84 метри, а дијаметарот на елисата изнесува 93 метри. Монтажата на овие ветерници ќе обезбеди вкупна инсталирана моќност на ПВЕ „Богданци“ од 36.8 MW со што се заокружува првата фаза во изградбата на овој визионерски енергетски објект.
Вредноста на договорот изнесува 41.1 милиони евра, кои се обезбедени преку кредит од германската KfW банка и сопствени средства на АД ЕЛЕМ. Со договорот за набавка на турбините вклучена е и обврска на производителот за нивно одржување во времетраење од десет години од пуштањето во функција. Реализацијата на договорот ќе започне овој месец со тоа што првите ветерни турбини треба да пристигнат напролет , наредната година. Вкупниот рок за реализација е 13 месеци и во тој период сите машини ќе бидат пуштени во работа . Согласно утврдената динамика, првите киловатчасови од ветропаркот „Богданци“ ќе бидат произведени во втората половина од 2013 година.
Изведбата на ветропаркот се реализира и преку договор со конзорциумот „Терна Сименс“ за изведба на патна инфраструктура, приклучен далековод и 20/110KV трафостаница. Овој договор е склучен во јануари годинава и реализацијата на работите веќе е во тек. Средствата за реализација на проектот ПВЕ „Богданци“ се обезбедени преку кредит од германската КФВ банка, потпишан во април, минатата година. За проектот чијашто проценета вредност е 55,5 милиони евра, КФВ Банка обезбеди 32,9 милиони евра, а останатите 22, 6 милиони евра се сопствени средства на АД ЕЛЕМ.