Стипендии од ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН за студенти на ФЕИТ

Дванаесет студенти од прва година на електроенергетските насоки на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ќе имаат 10 месеци стипендија по 100 евра, обезбедена од АД Електрани на Македонија,АД МЕПСО или ЕВН Македонија АД.Претставниците на енергетските компании денеска врачија по четири стипендии за најдобрите студенти од ФЕИТ кои ќе бидат стипендирани и до крајот на студиите доколку ја задржат минималната просечна оценка од 7.5.

Деканот на ФЕИТ, Миле Станковски, рече дека од пред две години, кога Факултетот ја договорил соработката за стипендирање, значително се зголемува бројот на запишани студенти на насоките за енергетика, за кои претходно интересот бил многу слаб.  Да се мотивираат матурантите да студираат енергетика било и повод за договорот со трите компании, што резултирало со 75 запишани во 2011/2012 наспроти 25 во претходната студиска година.  На ФЕИТ има седум студиски програми, од кои три се од областа на енергетиката.

-Со овој потег компаниите си ја обезбедуваат својата иднина со квалитетен кадар, во чие профилирање може да имаат директно влијание преку учество во селекција на изборните предмети и изведувањето пракса, студентски проекти, дипломски работи, а идните инженери ќе имаат можност за професионална кариера токму во овие компании – истакна деканот на ФЕИТ, Миле Станковски.

Директорот за производство на АД Електрани на Македонија  Димитар Танурков, кој во име на АД ЕЛЕМ ги додели стипендиите на избраните студенти, го потенцираше значењето на компанијата како стожер на електроенергетскиот систем во нашата земја, како и важноста во неа да се ангажираат квалитетни стручни кадри.

-Со големо задоволство ја прифативме понудата за соработка со факултетите очекувајќи дека преку квалитетните студенти,  ќе се зголеми и квалитетот на нашата компанија. Исто така, со квалитетни кадри очекуваме  дека и енергетиката во Република Македонија ќе се подигне на повисоко ниво. Ние како компанија, студентите од овие клупи ги гледаме како наши идни колеги и менаџери, кои со своето знаење ќе работат на унапредување на енергетиката  како најважен фактор  и основа за  развојот на една држава.  Во оваа прилика, на студентите им ги честитам  стипендиите и им посакувам уште многу успеси – рече Танурков. 

Иницијативата ја поздрави министерот за образование и наука Панче Кралев кој рече дека компаниите што ја помагаат едукацијата на студентите се општествено одговорни.
-Ова одразува два правца за кои Министерството за образование и наука континуирано се залага – комуникација и соработка меѓу приватниот сектор и универзитетите и поддршка за техничките факултети кои генерираат кадар што сега е дефицитарен на пазарот на трудот – рече министерот  Кралев.