Впечатлив настап на АД ЕЛЕМ на Power Gen Europe во Келн
АД „Електрани на Македонија“ по вторпат во континуитет се појавува на „Power Gen Europe“, најзначајниот саем за енергетика во Европа на кој се претставуваат компании кои се занимаваат со производство на енергија, но и компании кои произведуваат опрема за енергетски капацитети. Сметам дека овој континуитет добро и дојде на компанијата, оцени генералниот директор на ЕЛЕМ д-р Влатко Чингоски.
– Веќе сме препознатливи и имаме многу гости на нашиот штанд. Се појавуваме со некои новитети, пред се во нашите развојни проекти и мислам дека го оправдавме нашето присуство со тоа што многу од нашите партнери се заинтересирани како за Македонија како бизнис дестинација, така и за нашата компанија, изјави д-р Чингоски.
На посетителите, како што рече првиот човек на АД ЕЛЕМ и на учесниците на Power Gen Europe годинава им понудивме, дел од проектите од нашата Програма за развој.
– Како минатата година во Милано, така и оваа одиме со проектите кои се веќе во реализација хидроелектраната Бошков Мост и Ветерниот парк Богданци, како и подготвителните активности за акумулацијата Луково Поле.
Но, овој пат, првпат правиме визуелна презентација на два значајни проекти за Република Македонија од областа на енергетиката – комплексот електрани на Црна Река, Чебрен и Галиште, а за првпат, визуелно го доловивме и проектот Вардарска долина, како ќе изгледа откако ќе биде реализиран како проект- рече д-р Чингоски.
Подготвивме тридимензионална визуелизација на овие објекти со податоците и значењето што ќе го имаат во енергетскиот сектор на Македонија, со што на обичните луѓе им доловивме што претставуваат двата проекта.
– Сметам дека ваквиот начин на претставување на проектите е многу близок до обичните луѓе и на тој начин можат да сфатат што ние сакаме да направиме. Минатата година првпат го промовиравме проектот Бошков Мост и како резултат што бевме на саемот Пауер-Џен Јуроп во Милано, Италија 40 компании ги купија тендерските документи за Бошков Мост. Од нив 18 компании се пријавија за претквалификација за градежните работи. Тоа покажува дека е потребно вакви проекти да се промовираат бидејќи има премногу проекти и голем број на компании и доколку не сте поблиску до оние кои ги изведуваат проектите се поставувате во втор план, посочи д-р Чингоски.
Ние, нагласи генералниот директор на АД ЕЛЕМ, имаме намера да бидеме во прв план и сакаме компаниите кои се стручни и можат да ги направат овие проекти да бидат присутни во Македонија и да работат за „Електрани на Македонија“.
Директорката за развој и инвестиции на АД ЕЛЕМ г-ѓа Јасна Иванова-Давидовиќ смета дека годинешното претставување на саемот е подобро од ланското.
– Оваа година имаме малку повеќе проекти и анимации и презентации на проектите. Вклучени се и проектите Чебрен и Галиште и Вардарска долина. Имаме навистина доста интерес од посетителите и од компаниите што се присутни на саемот. Веќе почнуваат да не препознаваат дека сме дел од ова семејство на Пауер-Џен што е многу битно за нашата компанија и воопшто за развојот на енергетиката во Македонија, рече за медиумите, г-ѓа Иванова-Давидовиќ.
Таа нагласи дека на штандот често доаѓаат можни идни партнери, кои, како што рече, би можеле да соработуваат во изградба, испорака на опрема и монтажа во идните проекти на АД ЕЛЕМ.
– Многу е важно да ги имаш оние компании што знаат, можат и умеат, со еден збор најдобрите во светот, а овде на саемот на енергетиката токму се собираат најдобрите, изјави г-ѓа Ивановска -Давидовиќ.
Ланското учество на саемот во Милано, смета, има значаен придонес и како резултат на него има многу поквалитетни понуди и поголем интерес за проектите на АД ЕЛЕМ.
– Конкурентноста е поголема за проектите на АД ЕЛЕМ, а со тоа и квалитетот. Се надевам дека тоа ќе придонесе за намалување на цените за реализација на нашите идни проекти, рече г-ѓа Ивановска – Давидовиќ.
Саемот Power Gen Europe 2012, на кој се претставија 630 излагачи меѓу кои и некои од најголемите светски енергетски брендови утре се затвора. Следниот саем е најавен за периодот од 4 до 6 јуни идната година во Виена, Австрија.
Настап на маестро Зоран Маџиров на штандот на АД ЕЛЕМ на саемот во Келн
Македонскиот музичар и светски познат перкусионист Зоран Маџиров со својата невообичаена изведба на познати класични музички дела на шишиња денеска привлече многу посетители на саемот Power Gen Europe 2012 во Келн на штандот на АД „Електрани на Македонија“.
Посетителите на штандот со музиката на Маџиров и македонските специјалитети ајвар, сирење, кашкавал, разни кондиторски производи и вкусни македонски вина можеа да се запознаат и со проектите што македонската државна компанија за производство на електрична енергија ги презентира на саемот.
– Огромна чест и задоволство ми е што ни успеа идејата со генералниот директор на ЕЛЕМ Влатко Чингоски, јас, меѓудругото, исто така да ги бранам боите на Македонија денеска во Келн и заедно со „Електрани на Македонија“ и со мојата музика да направиме концерт без струја, имајќи на ум дека енергијата денес се стреми кон зелено, а музиката не е ништо друго освен енергија-изјави Маџиров.