Од хуманитарната аукција на слики од „Мал битолски Монмартр“ во организација на АД ЕЛЕМ собрани 566.000 денари
На одржаната хуманитарна аукција на дела од ликовната манифестација „Мал битолски Монмартр“ во организација на АД ЕЛЕМ беа продадени сите понудени 44 уметнички дела со мотиви од Македонија, насликани од млади сликари од преку 20 земји. Љубители на уметноста станаа сопственици на уникатни уметнички дела од млади ликовни амбасадори кои во изминатите три децении биле дел од најстарата ликовна колонија за деца на Балканот.
Генералниот директор на АД ЕЛЕМ и иницијатор на хуманитарната аукција д-р Влатко Чингоски им се заблагодари на присутните за поддршката, за покажаната хуманост и за благородниот гест.
-Ви благодарам што зедовте учество во оваа хуманитарна аукција, и што подадовте рака за понатамошното опстојување на најстарата и најголема ликовна работилница во Македонија „Мал битолски Монмартр“. Поддршката на уметноста и културните настани го збогатува животот на сите во заедницата. АД ЕЛЕМ традиционално и со голема гордост на ова меценство, го поддржува „Мал битолски Монмартр“, бидејќи оваа манифестација со години успешно гради мостови кон светот, докажувајќи дека грижата за уметничките вредности е од големо значење за државата- рече д-р Чингоски.
На присутните им се обрати и г-ѓа Снежана Ристовска, државен советник во Министерството за култура. Убаво е, рече г-ѓа Ристовска, кога во поддржувањето и поттикнувањето на културните манифестации директно се вклучуваат многу општествено-одговорни компании. Ристовска изрази благодарност до АД ЕЛЕМ за организацијата на оваа благородна иницијатива, за поддршката и унапредувањето на културата во Република Македонија.
Преку аукцијата беа собрани 566. 000 денари, средства кои ќе помогнат во годинешната организација и опстојување на оваа реномирана ликовна манифестација која секоја пролет се одржува во Битола.
Со поддршка од Министерството за култура, реализацијата на овој хуман и културен проект продолжува со изложба на дела од „Мал битолски Монмартр“ која во наредните 30 дена ќе биде поставена во фоајето на Македонската опера и балет (МОБ). Изложбата ќе биде од отворен карактер, а посетителите ќе имаат можност да се запознаат со делата на младите ликовни амбасадори и да донираат парични средства за поддршка на оваа ликовна манифестација.