Реализирани инвестиции во 2012 година

ХЕ СВ. ПЕТКА
На 1 август 2012 година беше пуштена во функција ХЕ „Света Петка“ со која целосно се искористува хидропотенцијалот на реката Треска. Во изградбата на хидроелектраната искористени се висококвалитетни градежни материјали и најмодерна техника и технологија со што се обезбедува високотехнолошко ниво на опременост, минимални трошоци за одржување, сигурен систем  и висока стапка на искористеност. Тешката пристапност и суровост на теренот, како и ограниченоста на просторот за работа бараа примена на извонредно сложени и несекојдневни организациски и градежни техники. Во изградбата на овој капацитет директно беа вклучени околу 500 лица.

Инсталираната моќност на хидроелектраната е 36,4 мегавати и годишно ќе произведува  66 гигават-часови електрична енергија. Со изградбата на ХЕ „Света Петка“ целосно се поврзува повеќенаменскиот хидросистем Скопско Поле, во кој освен оваа централа влегуваат и ХЕ „Козјак“ и ХЕ „Матка“. Изградбата на хидроелектраната постави нови стандарди во полето на изградба на хидроенергетски капацитети,  за Република Македонија, како и за поширокиот регион. Електраната е целосно автоматизирана и со користење на вградената модерна телекомуникациска и процесна опрема нејзината работа може да се набљудува и да се контролира  од производниот диспечерски центар на АД ЕЛЕМ во Скопје, како и од НДЦ на АД МЕПСО.

Браната  со висина од 64 метри и со волумен од речиси 30 илјади метри кубни  бетон претставува двојно закривена тенка лачна брана и е прва и единствена од овој тип изградена во Република Македонија. Во нејзината изработка се користени специјални материјали. Целокупната инвестиција за овој проект изнесува 75 милиони евра, со што е една од највредните инвестиции во делот на искористување на енергетскиот потенцијал на земјата.

ГЛАВЕН ТРАНСПОРТЕН СИСТЕМ ЗА ЈАГЛЕН
ОД РУДНИКОТ
БРОД-ГНЕОТИНО ДО РУДНИКОТ СУВОДОЛ

Рудникот  „Брод-Гнеотино“, кој треба да го продолжи животот на РЕК Битола за 20 години,  е  технички  целосно комплетиран. Во јули минатата година е пуштен во функција главниот транспортен систем за јаглен од тој рудник до површинскиот коп Суводол во должина од околу 10 километри кој го изведе  германската компанија Thyssen Krupp.

Системот обезбеди транспорт на јаглен  до Суводол во континуиран режим, а во перспектива ќе биде подготвен да го прифаќа јагленот од новото јагленово наоѓалиште Живојно. Реализацијата на овој значаен проект на АД ЕЛЕМ значи заокружување на производниот процес во новиот површински коп „Брод – Гнеотино“, директно зајакнување на можностите и ефикасноста на трите рудници и продолжување на животот на нашиот најголем електроенергетски капацитет РЕК „Битола“.

Транспортниот систем за јаглен се протега на траса со должина од околу 10 километри, брзината на движење на гумената лента изнесува 4,8 метри во секунда , неговиот капацитет е 3.800 тони јаглен на час, а го сочинуваат пет секции со пет погонски станици како и комплетна инфраструктура од натпатници и испусти за одводнување. Целокупната инвестиција за овој проект изнесува 18,6 милиони евра.

ТРАНСПОРТЕН СИСТЕМ ЗА ОТПЕПЕЛУВАЊЕ ВО РЕК ОСЛОМЕЈ
Во август 2012 година е пуштен во функција транспортен систем за водено отпепелување на пепелта во РЕК „Осломеј“. Со овој еколошки проект трајно ќе се реши проблемот со отпепелувањето од термоелектраната „Осломеј“  и во целост  ќе се задоволат строгите законски прописи од областа на екологијата и заштитата на животната средина, ќе се реши проблемот со лебдечката пепел, нус појава од производството на електрична енергија, која три децении создаваше проблеми на локалното население што гравитира околу РЕК „Осломеј“.  Целокупната инвестиција за овој проект изнесува 4 милиони евра.

МОДЕРНИЗАЦИЈА И АВТОМАТИЗАЦИЈА НА АГРЕГАТИТЕ ВО ТЕ БИТОЛА
Во најголемиот комбинат за производство на електрична енергија, РЕК „Битола“,заврши реализацијата на мега проектот вреден 55.9 милиони евра за модернизација и автоматизација на термоблоковите и продолжување на работниот век на ТЕ „Битола“. Со овој капитален зафат, досега најголем во историјата на РЕК „Битола“,  што го изведуваше руската компанија „Силовије Машини“, моќноста на секој термоблок е зголемена за 8,3 MW или вкупно за 24,9 MW.

ИСО 14001:2004-МЕЃУНАРОДЕН
СЕРТИФИКАТ
ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Во 2012 година воведовме стандард за заштита на животната средина и управување со отпад, уште една потврда дека компанијата работи според најновите корпоративни светски стандарди и во своето секојдневно функционирање посветува огромно внимание на заштитата на животната средина

АД „Електрани на Македонија” го доби сертификатот ИСО 14001:2004 откако во своето работење целосно го имплементира системот за заштита на животната средина. По извршената стручна проверка  на процесот, меѓународната акредитирана сертификациска куќа  „СГС Београд“ даде препорака за издавање на сертификатот. Сертификатот има огромна важност, не само за нашата компанија, туку и за Република Македонија. Воведените новини во работењето ќе значат заштеда на суровини, зголемена енергетска ефикасност, подобро и полесно управување со трошоците. Меѓу придобивките е и целосната реорганизација и третманот на ресурсите и отпадот кои имаат директно влијание врз животната средина.

Постапката за воведување на системот за управување со животна средина во АД „Електрани на Македонија“ започна во 2011 година, во координација со консултантската куќа „МАККОНТРОЛ“. Во текот на изминатата година реализирани се многубројни активности, а согласно стандардите, Управниот одбор на АД ЕЛЕМ донесе Политика за заштита на животната средина, со начела според кои се водат сите вработени во компанијата. Компанијата пред две години го имплементираше и стандардот за квалитет 9001:2008,  кој и денеска успешно го применува во своето работење.

сертификат ИСО 14001:2004