ИНВЕСТИЦИСКИ ВЛОЖУВАЊА ВО 2012
АД „Електрани на Македонија“ ги продолжува своите инвестициски активности за подобрување и за модернизација на постојните капацитети, а паралелно течат подготовките за изградба на нови производствени капацитети. Во 2009 година го започнавме најголемиот инвестициски циклус од постоењето на компанијата со сума од 37 милиони евра, која во наредната година прерасна во 50 милиони евра. Трендот продолжи и во 2011 година, со сума од приближно 61 милион евра, за да кулминира во 2012 година со инвестирање од скоро 100 милиони евра.
РУДНИЦИ
Површински коп „Подинска јагленова серија“
Просторот од наоѓалиштето ПЈС се наоѓа во експлоатациското поле на рудникот Суводол и зафаќа површина од околу 3 km2, односно 1/3 од вкупната површина зафатена со главниот јагленов слој (околу 10 km2). Подинскиот јагленов комплекс лежи под главниот продуктивен слој на наоѓалиштето и во него се издвоени 1÷18 слоеви на јаглен. Просечната дебелина на јагленовиот слој во ПЈС изнесува 14,97m.
Преку анализа и интерпретација на досега изведените истражни работи за истражување на ПЈС, како економски интересни се издвоени два подинска слоја на јаглен и тоа: I-отподински слој и II-отподински слој, односно главниот слој од ПЈС.
Во текот на 2004 година беа извршени детални геолошки и геотехнички доистражувања и беше изготвена техничка документација, при што се добиени потребните параметри за геолошката градба, инженерско-геолошки и геомеханичките карактеристики. Со овие истражни работи утврдени се геолошки резерви од 55.000.000 тони јаглен, од кои експлоатациските резерви се во висина од 50.000.000 тони со коефициент на откривка од 1 : 4,7 метри кубни за тон.
Технологијата на експлоатација на „Подинската јагленова серија“ се изведува со континуирани БТО-системи, со користење на дел од опремата од ПК „Суводол“ и набавка на еден нов БТО-систем. Транспортот на јаглен, кој ќе се откопува од ПЈС, ќе се врши преку сегашниот транспортен систем, кој се користи во рудникот Суводол.
Јагленово лежиште „Мариово“
Во својата развојна политика за навремено обезбедување на експлоатациски резерви на јаглен, АД „Електрани на Македонија“- Скопје континуирано и систематски презема соодветни активности за доистражување на потенцијалните наоѓалишта за експлоатација на јаглен. Во рамките на ваквата определба треба да се споменат истражувањата во јагленовото наоѓалиште „Мариово“.
За јагленовото наоѓалиште „Мариово“ АД ЕЛЕМ во текот на 2009 г. и 2010 година изврши доистражување и изработка на техничка документација (елаборати). Изработените елаборати имаат карактер на сводни елаборати, односно во нив освен од досегашните сублимирани резултати, земени се предвид и резултатите од порано изведените истражувања и испитувања.
Отпочнувањето со работа на рудникот за јаглен со подземна експлоатација „Мариово“ би било реална основа и добра перспектива за излегување на овој крај од долгогодишната пасивност и раселување.
Во текот на 2012 година изработен е главен рударски Проект за отворање рудник со подземна експлоатација во Мариово, од Премоговник Велење, Словенија и изработена е Студијата за оцена на влијанието врз животната средина.
ТЕРМОЕЛЕКТРАНИ
Ревитализација и модернизација на ТЕ „Битола“
Електраната ТЕ „Битола“ е во функција повеќе од 20 години. Трите блока во ТЕ „Битола“ почнаа со работа во 1982 г., 1984 г. и 1988 г. последователно. Секој блок има моќност од 225 MWel и користи околу 2 милиони тони јаглен годишно.
Проектот „Ревитализација и модернизација на ТЕ `Битола`“ опфаќа три фази и тоа:
модернизација и ревитализација на турбини, генератори и автоматизација во ТЕ Битола;
модернизација и ревитализација на котлите и намалување на NOx во ТЕ „Битола“ и
модернизација на ладилните кули како и модернизација и ревитализација на ТЕ „Битола“ со намалување на SОx и прашина.
Со модернизацијата и ревитализацијата на турбините, генераторите и автоматизацијате во ТЕ „Битола“ ќе се продолжи работниот век на ТЕ „Битола“ за 120.000 часови, ќе се модернизира проточниот дел на блоковите, ќе се модернизираат и регулираат турбините и на системот за заштита, ќе се модернизираат деловите на генераторот, ќе се модернизира динамичниот дијагностички мониторинг на блокот, ќе се изврши автоматизација на технолошкиот процес во ТЕ, ќе се зголеми коефициентот на корисно дејство, ќе се зголеми снагата за дополнителни 8,32 MW по блок или 24,96 MW за ТЕ
Модернизација и ревитализација на котлите и намалување на NOx во ТЕ „Битола“ и модернизација на ладилните кули
Со ревитализацијата на котлите се очекува:
- Зголемување на КПД на котлите, т.е. обезбедување на продукција од 700t/h прегреана пареа (5450C, 140bar), со намален и променлив квалитет на јаглен;
- Испитување, утврдување на фактичката состојба на грејните површини, замена на истите, во согласност со резултатите од испитувањата, и при тоа продолжувајќи го нивниот животен век за уште 120.000 часови;
- Испитување и промена на системот за подготовка на јагленовиот прав, аеросмеса, како и на системот за согорување, со што би се обезбедила редукција на NOx при работа со јаглен со променлив и влошен квалитет. По завршената модернизација емисијата на NOx не смее да биде повисока од 200mg/Nm3 (согласно со Directive 2001/80/EC).
Во фаза на реализација е Договорот за модернизација на котлите и намалување на NОx за трите блока, склучен со „Бабкок Борсиг“, потпишан на 16.12.2011 година. Реализацијата на модернизација на котел и намалување на NOx на Блок 3 заврши во 2012 година.
Модернизација и ревитализација на ТЕ „Битола“ со намалување на SОx и прашина
Последната, трета фаза од Модернизацијата и ревитализацијата на ТЕ „Битола“ е во почетен стадиум. За таа цел изработена е физибилити студија од Yokogawa-TEPSCO-Kawasaki. Студијата беше иницирана во септември 2011 година, а финалната верзија на студијата се достави до АД ЕЛЕМ во април 2012 година.
Физибилити студијата ги презентира, технички и економски, оправданоста за инсталирање на опрема, помошни објекти и технологија за десулфуризација на излезните гасови од котлите во ТЕ „Битола“, во согласност со бараните параметри на излезните гасови, односно според последните заострени директиви на Европската Унија, според што сулфурните оксиди се ограничуваат на 200mg/Nm3. Изборот на технологија на десулфуризација ќе се сведе на влажна метода на десулфуризација, односно метода „варовник/гипс“, (главна суровина ќе биде CaCO3 , а нус-производ – гипс).
Со овој проект ќе се достигнат дозволените граници на емисија на SOx и прашина, според ЕУ-директивата за овој тип на постројки.
Топлификација на Битола, Новаци и Могила
Техничките карактеристики на опремата, технолошкиот концепт, локацијата (населените места во близина), како и искуствата од слични термоелектрани ни овозможија разгледување на можностите за обезбедување на топлинска енергија за греење на општините Битола, Могила и Новаци. Руралните општини Могила и Новаци ќе имаат можност за користење на топлинската енергија и за оранжериско производство.
Во 2012 година е изведена реконструкција на турбините на еден термоблок во РЕК „Битола“, зафат во вкупна вредност од 2 милиони евра. Во текот на модернизацијата на турбинскиот блок 3, целосно е овозможено регулираното одземање на пареа со вградување на обвојници на новите преструјни цевководи помеѓу цилиндрите за висок и низок притисок, а истиот зафат ќе се реализира и врз ТЕ „Битола 2“.
По изготвувањето на проектната документација, АД ЕЛЕМ ќе отпочне со изградбата на топлификациската мрежа .
Со имплементирање на овој проект, значително ќе се супституира употребата на електричната енергија за греење, со што ќе се зголеми сигурноста и доверливоста на дистрибутивната мрежа. Ќе се намали користењето на нафта и дрво за огрев, со што ќе се намали емисијата на стакленички гасови.
ХИДРОЕЛЕКТРАНИ
ХЕ „Бошков Мост“
ХЕ „Бошков Мост“ е сложен хидроенергетски систем со кој се предвидува целосно искористување на хидропотенцијалот на Мала Река, односно на нејзините притоки Тресонче, Росоки, Лазарополска Река, Валовница, Гарска, Звончица и Белешница, чиј слив се наоѓа во западниот дел на Република Македонија.
Во 2002 година, компанијата Paul Rizzo&Associates од Пенсилванија, САД, изработи физибилити студија, чиј основен заклучок беше дека за да се зголеми рентабилноста на Проектот ХЕ „Бошков Мост“ неопходно е да се зголеми инсталираната моќност на централата од 45 MW, колку што е дефинирано со претходниот идеен и главен проект, на 70 MW; притоа зголемувањето на инсталираноста би се постигнало со користење на истата количина на вода од зафатите и акумулацијата, т.е. без промени на зафатените количини на вода од сливот, но со предвидување на производни агрегати со поголема моќност.
Во текот на 2012 година го објавивме повикот за претквалификација, во јуни МЕПСО изработи Анализа за приклучок на ХЕ „Бошков Мост“ на преносната мрежа, а во декември нацрт-студија за приклучок на ХЕ „Бошков Мост“ на преносната мрежа. Во октомври 2012 година добивме решение за ESIA (ESIA-Environment Social Impact Assesment). Ја подготвивме и тендерска документација за електромашинска опрема, потоа го објавивме тендерот за електро и машинска опрема, а заврши и претквалификација за ЛОТ 1 и ЛОТ 2 – градежни работи, извештајот е доставен до понудувачите.
Ревитализација на ХЕ – втора фаза
Со проектот „Ревитализација на ХЕ – втора фаза“ се предвидени следните зафати:
- Ревитализација на генератори – ХЕ „Вруток“
- Блок-трансформатор – ХЕ „Вруток“
- Регулациски трансформатори – ХЕ „Вруток“
- 35 kV трансформатор – ХЕ „Равен“
- Замена на хидромеханичка опрема (затворачи, аерациони вентили, систем за подмачкување на лежишта, систем за чистење на влезна решетка) – систем „Маврово“
- Надвишување на Брана Леуново
- Ревитализација на Tолјанскиот тунел, Шарскиот канал и Доводот на Шарски Води
- Ревитализација на инјекциска завеса – ХЕ „Шпилје“
- Нова опрема за мониторинг на браните (Маврово, Глобочица, Шпилје, Тиквеш)
Со спроведување на предвидените зафати вкупната инсталирана моќност на хидроелектраните во системот на АД ЕЛЕМ ќе се зголеми за 18,31 MW, како и за дополнително производство на електрична енергија од околу 50 GWh. Во 2009 година беше потпишан меѓувладин Протокол (МК/Германија), со кој се обезбедени 60 мил. евра за енергетскиот сектор во Република Македонија од кои 27,1 мил. евра се за Проектот за ревитализација на ХЕ – II фаза.
Во текот на 2012 година се реализирани следните активности:
- Тендер ЛОТ А за автоматизација на оскултација на браните. Во континуитет се врши производство и испорака на опрема од страна на изведувачот. Градежните работи за поставување кабли на браната Маврово се завршени.
- Тендер ЛОТ Б1 за ревитализација на канал Горна Радика. Во 2012 година изведувачот Бетон ја заврши ревитализацијата на каналот.
- Тендер ЛОТ Б2 за ревитализација на каналот Шарски Води. Договорот со Бетон, Скопје е потпишан на 23 јули 2012 година.
- Тендер ЛОТ Б3 за надвишување на браната Леуново. Евалуацијата на тендерите е завршена и изведувачот е избран.
- Тендер ЛОТ Б4 за ревитализација на Толјански тунел. Финалниот извештај за евалуација е одобрен од KfW банка.
- Тендер ЛОТ B5 за инјекциска завеса во Шпилје. Потпишан е Договорот со Страбаг од Австрија и ГИМ – Скопје. Контактното инјектирање е завршено во галеријата, другите активности се во тек.
- Тендер ЛОТ 1 за генератори. Основниот проект е изработен. Производството на делови за генераторите е во тек.
- Тендер ЛОТ 2 за трансформатори. Основниот проект е изработен и одобрен од страна на ЕЛЕМ. Изведувачот започна со производство на опремата.
- Тендер ЛОТ 3 за вентили. Договорот е потпишан во ноември 2012 г. со Литострој од Словенија. Изведувачот започна со изработка на основниот проект.
- Тендерот ЛОТ 4 за затворачи. Договорот е потпишан ноември 2012 г. со „Искра Импулс“ од Словенија. Изведувачот започна со изработка на основниот проект.
- Тендер ЛОТ 5 за решетки. Договорот е потпишан во ноември 2012 г. со „Erhard Muhr” од Германија. Изведувачот започна со изработка на основниот проект.
Во текот на 2012 година реализирана е изведбата на бунарите за одводнување на ПК „Подинска јагленова серија“, со чие завршување ќе се заокружи еден многу битен момент од процесот на отворањето на рудникот ПЈС, и со тоа се овозможува понатамошна работа на откопување и експлоатација на јагленот.
Луково Поле
Акумулацијата “Луково Поле” се наоѓа во северозападниот дел на Македонија на границата на Шарпланинскиот и Корапскиот масив. Вкупните количини на вода од 45,95 х 106 м3 , со средно годишен проток од Q = 1,457 м3/с, во идната акумулација ќе се зафаќаат од р. Црн Камен каде се предивидува изградба на каменонасипна брана. Браната “Луково Поле” се наоѓа на р. Црн Камен во нејзиниот горен тек т.е. непосредно на вливот на двете реки кои ја формираат р. Црн Камен. Планирано е да биде висока е 71 м и овозможува акумулација со вкупен волумен од 39 х 106 м3 вода и корисен волумен од 38 х 106 м3 вода која ќе може да произведе 104,24GWh електрична енергија годишно. Co зафаќање на Корапските води се предвидува изградба на доводен канал/тунел во должина од околу 15 км, кој ќе ги доведе Корабските води од првиот зафат Поток 3, до вливот на акумулацијата “Луково Поле” со вкупен годишен доток од околу 29,328х 106 м3 или со средно годишен проток од Q = 0,930 м3/с вода. Доводот на Корапските води се наоѓа во северозападните краишта на Македонија и оди по целата должина по падините на Корапскиот масив, на надморска височина од околу 1620,00 м.
Во текот на 2012 година се работеше на изработка на техничка документација, а паралелно со изработката на проектот се изработуваше и СОВЖС, која е во завршна фаза и за нејзини потреби се одржани бројни јавни консултации со НВО и сите засегнати страни, вклучително и засегнатите општини.
Обновливи извори на ЕЕ и енергетска ефикасност
Парк на ветерни електрани
Проектот Парк на ветерни електрани (ПВЕ) „Богданци“ е отпочнат со реализација во април 2011 година со потпишување на Договор за заем со KfW банка, Сепаратeн договор и Договор за гаранција и усвојување на Закон за гаранција на Република Македонија од страна на Владата и на Собранието на Република Македонија. Износот на кредитот е 32.900.000 евра. Вредноста на проектот ПВЕ „Богданци“ беше калкулирана на околу 55.500.000 евра.
Консултант за реализација на проектот е компанијата FICHTNER од Германија. Во јануари 2012 година е потпишан Договор со Конзорциумот ТЕРНА – СИМЕНС за ЛОТ 2 – изведба на пристапни патишта, платформи, MV каблирање и далековод од ТС „Богданци“ до ТС „Валандово“. Во август 2012 година е потпишан Договор со СИМЕНС – Данска за ЛОТ 1 – изведба на фундаменти за ветерни турбини како и набавка, транспорт и монтажа на 16 ветерни турбини со моќност од по 2,3 MW заедно со систем за управување. Во декември 2012 година е потпишан Договор со ДАСС Инженеринг – Македонија за ЛОТ 3 – опрема во ТС „Валандово“ за поврзување на ПВЕ „Богданци“ на ЕЕС на Република Македонија. Во тек на 2012 година склучивме Договор за Лот2 – изградба на пристапни патишта, трафостаница и далековод за приклучок на ЕЕС на РМ во јануари 2012 г. Обезбедивме дозволи за изградба на главен пристапен пат и трафостаница.
Проектот „Парк ветерни електрани `Богданци`“ е регистриран во UNFCC, во согласност со механизмот за чист развој во ноември 2012 година.